Најголемата сообраќајна несреќа во светот за 2022 година се случи во САД. Во неа се оштетени околу стотина автомобили, а човечки жртви, за среќа, нема

Масовната несреќа се случила во Денвер, во петокот во текот на утринските часови. Причината е невообичаено раната зима и снежните врнежи во државата Колорадо. Токму поради тоа, бројот на несреќи во и околу Денвер драстично е зголемен во последните денови.

Магистралата 25, која минува низ центарот на Денвер, во текот на ноќта била покриена со дебел слој на мраз. Станува збор за еден од најфреквентните автопати, па несреќа на лизгавиот коловоз за време на шпицот резултирала со огромен сообраќаен метеж. Од 6 часот и 30 минути до 8 часот во петокот наутро во несреќата учествувале стотина автомобили и камиони.

За среќа немало човечки жртви, а голем дел од повредените се пренесени со брза помош во најблиските болници. Автопатот морал привремено да биде затворен.

Почнувајќи од 11:30 часот, полицијата и сообраќајните службеници успеале да ги расчистат остатоците и да ги тргнат сите автомобили учесници во верижниот судир на паркингот на стадионот во Денвер, од каде сопствениците ќе можат да ги подигнат.