Бензинските имаат удел од 59,3%, дизелите со пад до 32,2%

Во текот на првиот квартал од 2019 година речиси 60% од сите нови автомобили регистрирани во ЕУ се со бензински погон, а помалку од една третина – дизели, покажува статистиката на Европската асоцијација на автомобилски производители (ACEA).

Возилата со алтернативни горива покриваат вкупно 8,5% од пазарот во Европската унија, а само електричните 2,5% од сите продадени автомобиливо текот на првите три месеци.

Со исклучок на Германија, продажбата на бензински автомобили се зголемила на петте водечки автомобилски пазари во ЕУ, при што највисокиот раст е во Италија (+21.6%). Како резултат на тоа, пазарното учество на бензинските автомобили во првиот квартал се зголемило од 55,5% на 59,3% во споредба со истиот период претходната година.

Од друга страна, регистрациите на дизел автомобили се намалени во поголемиот дел од земјите-членки на ЕУ, со исклучок на Германија, Естонија, Летонија и Литванија. Уделот на дизелите на пазарот има пад од блиску 6% во споредба со првиот квартал од претходната година и сега претставува 32,2% од пазарот.

Во првиот квартал од 2019 година, продажбата на возила со алтернативни погони во ЕУ се зголемила за 25,9%. Растот се должи на сегментот на електромобилите, кој бележи раст од 40% (99.174 продадени возила). Во овој сегмент продажбата на целосно електрични возила (BEV) значително се зголемила (84,4%), додека регистрацијата на plug-in хибриди е речиси непроменета.

Хибридните електрични возила (HEV) исто така имаат добри резултати (+ 33,3%), бидејќи во првите три месеци од годината биле продадени 184.808 единици. Во исто време, бројот на регистрирани автомобили на LPG и NGV e намален за 7,2% во периодот од јануари до март, што главно се должи на намалување на побарувачката на возила на природен гас (NGV).

Регистрацијата на алтернативни транспортни средства значително се зголемила на сите основни пазари во ЕУ. Побарувачка на вакви автомобили покажува најголем раст во Германија (+ 62,9%) што главно се должи на продажбата во хидридниот сегмент, како и во Шпанија (+48,9%).