Како Германците планираат да ги избегнат дизел забраните?
Благодарение на коалициониот договор помеѓу германските политички партии CDU, CSU и SPD, до крајот на септември оваа година ќе биде донесена одлука за која се очекува да придонесе за намалување на критичните високи нивоа на загаденост во многу градови во земјата
Општата идеја е да се избегне забраната за употреба на дизел моторите колку што е можно подолго, што е еден од заклучоците на вториот Дизел самит одржан во ноември минатата година. Според коалициониот договор, модификацијата на хардверот за дизел возилата со Euro 5 стандард треба да се спроведе во наредниот период.
Таквите најави пристигнаа директно од канцеларката Ангела Меркел. Потпишаниот договор вклучува, меѓу другото, и следново: „Ние ќе спроведеме адаптација на хардверските компоненти врз основа на резултатите од истражувањето и презентираните опции од страна на работната група“.
Како што беше објавено минатата година, во рамките на „Одржлива мобилност за автомобилите“ ќе биде формиран фонд во кој треба да се слеат една милијарда евра, од кои 750 милиони евра од буџетот на Германија, додека остатокот ќе биде уплатен од германските производители на автомобили. Со средствата од фондот би се финансирале програми насочени кон намалување на количината на штетни гасови.
Локалните власти имале можност да достават свои идеи и проекти, почнувајќи од ноември минатата година. Намерите се повеќенасочни, и се движат од конверзија на дизел автобускиот возен парк во електричен, електрификација на такси-возилата, како и оние кои служат во рент-а-кар флотите, брзо воведување на поголем број на станици за полнење на батериите. Се планираат и подобрувања во јавниот транспорт, дигитализација на сообраќајот (помош за брзо пронаоѓање на места за паркирање и брзи или алтернативни патишта).
Сепак, активистите за заштита на животната средина не се убедени дека најавените мерки ќе донесат значително подобрување и ќе овозможат избегнување на понатамошни забрани за дизел. Иако нивната загриженост има основа, експертите очекуваат дека мерките би можеле да дадат резултати во средини каде границите на надминување се мали, но не и во градови како Штутгарт и Минхен.
Како резултат на првиот самит за дизел одржан во август, беше одлучено да се надградат со нов софтверречиси 5,3 милиони дизел возила во Германија. Оваа бројка вклучува и примероци од VW кои и онака треба да бидат сервисирани, благодарение на дизел моторите. Овие возила се декларираат како Euro 5 и Euro 6.
Инсталацијата на софтвер во возилата ќе биде организирана на доброволна основа, а сопствениците нема да имаат никакви дополнителни трошоци, додека перформансите на возилата предвидени за корективна интервенција на BMW, Daimler, Opel и Volkswagen, би останале непроменети. Самата интервенција трае еден работен час во овластените служби и вкупните трошоци за интервенција би можеле да достигнат половина милијарда евра.
Што се однесува до дизел возилата од други производители, очекувањата се движат во насока дека тие ќе ја следат иницијативата, така што нивните возачи се советуваат за трпеливост. Постарите дизел возила кои не подлежат на поедноставни корекции, може со субвенции да бидат заменети со посовремени.
Сите овие мерки треба да доведат до што е можно помало користење на правото доделено на локалните власти во однос на забраната за дизел. Да потсетиме дека Хамбург е првиот град кој забрани употреба на постари возила со дизел мотори во некои области, за потоа да биде одлучено истото да го направа Штутгарт и Ахен со почеток на примена од 2019 година. Во другите големи германски градови, како Келн и Минхен, во тек се дискусии и разгледување на идните активности.