Каде „одат“ дизелите од Германија?
Извозот на половни дизел автомобили од Германија за само една година се зголемил за 20,5% или 239.541 автомобили
Ова станува јасно од анализа на одделот за логистика на Универзитетот во Швајнфурт, подготвен во соработка со Асоцијацијата на европски бизнис.
Каде одат сите овие автомобили? Според статистичките податоци, најголемо зголемување за минатата година е забележано на пазарот во Украина (+136%), по што следат Хрватска (+89,6%). На трето место е Бугарија (+27,7%), а на четвртото Романија (+26,8%). Анализата е базирана на податоци од Сојузниот завод за статистика на Германија, известува изданието Automobilwoche.
Во анализата се наведува дека по скандалот во 2015 година со дизел агрегатите на Volkswagen, побарувачката за автомобили со такво гориво нагло паднала. Продажбата на овие возила на домашниот пазар сега е навистина тешка и води кон драстично намалување на цените. Затоа повеќето од нив се извезуваат во странство.
„Старите дизел автомобили се многу популарни во земјите на ЕУ како што се Хрватска, Словенија, Бугарија и Романија, бидејќи нивните цени се пониски. Сепак, главниот пазар за нив сега е Украина, каде што нивната увозна давачка е само 7,3%“, објаснува професорот по логистика, Кристијан Киле.
Експертот додава дека во овие земји се извезуваат автомобили чии мотори не ги исполнуваат еколошките стандарди, додека поновите и соодветно поскапи дизел уживаат огромна популарност на пазарите во Шпанија, Австрија и Франција. Во исто време, во државите каде еколошките барања се високи, увозот на автомобили од Германија опаѓа – во Норвешка за 26,6%, во Швајцарија за 18,7% и во Финска за 9%.