Претходната година дефинитивно беше голем предизвик за европскиот пазар, на што многу јасно укажуваат податоците за продажбата на нови автомобили

Регистрирани се вкупно 11,75 милиони нови возила, што е за 1,6% пониско од 2020 година или дури – 26% во однос на 2019 година и пред почетокот на пандемијата. Уште повеќе, ова е најлошата година во Европа (EU+EFTA+UK) од 1985 година!

SUV трендот и понатаму е во пораст на Стариот континент. Во текот на претходната година, речиси секој втор испорачан автомобил бил дел од SUV сегментот. Продадени се вкупно 5,34 милиони, со пазарен удел од 45,5%.

И покрај лошите вкупни резултати, сегашната криза создаде можност за возила со ниски емисии. Потрошувачите сè повеќе го насочуваат своето внимание кон чисто електрични и plug-in хибридни алтернативи што им овозможува на овие возила да постигнат нови рекорди за обем и удел на пазарот. Во 2021 година, индустријата регистрирала 2,25 милиони единици или 19% удел во пазарот, додека дизелите учествуваат со 21,7% од пазарот.

Кога станува збор за успехот на поединечните брендови, Volkswagen е брендот кој доминираше на европскиот пазар. Германците успеале да испорачаат речиси 1.274.000 возила, многу повеќе од најблиските пратители – Peugeot (727.973) и Toyota (706.056). Меѓу петте најдобро пласирани се и BMW (681.252 регистрации) и Renault (676.651 регистрации).

Што се однесува до продажбата на модели, на Западот ништо ново… Volkswagen Golf повторно е на тронот, иако се веруваше дека минатата година беше идеален момент осмата генерација на хечбекот од Волфсбург да го препушти тронот на некој друг. За жал, тоа не се случи. Така, од новиот Golf се продадени 205.408 примероци со неверојатен пад на продажбата од дури 50% во споредба со периодот пред епидемијата на Ковид-19.

И со таков пад на продажбата, Golf e пред останатите! Разликата во бројките кај следните три модели е само неколку стотици испорачани возила… Второто место е за Peugeot 208 со 196.869 испораки со благ пад на продажбата од 1,1% во однос на 2020 година. Следи Dacia Sandero, која стигнала до 196.792 потрошувачи (+16,9%), додека Renault Clio е на четврто место со 196.243 продадени автомобили (-21,1%).

Многу блиску до првите четири е Peugeot 2008. Францускиот субкомпактен кросовер е испорачан во 194.653 примероци, што претставува раст од 24,4% во однос на 2020 година, но и плус од 16,5% во однос на резултатите од 2019 година!