Јапонците повторно на тронот на автомобилскиот свет
Toyota го престигна VW во 2020 година во однос на продажбата на возила и по пет години повторно ја презеде круната како водечки светски производител со најмногу продадени автомобили, откако падот на побарувачката поради пандемијата на корона вирус посилно го погоди германскиот ривал
Toyota соопшти дека нејзината глобална продажба во групата како целина паднала за 11,3 проценти во 2020 година, на 9,528 милиони возила, додека групацијата Volkswagen забележала пад од 15,2 проценти и испорачала 9,305 милиони автомобили.
Производителите на автомобили ширум светот се сериозно погодени од ограничувањата воведени низ целиот свет поради пандемијата, а кои ги принудија автомобилските компании да го намалат или прекинат производството во некои погони.
Toyota, сепак, делумно подобро ја преживеа пандемијата затоа што Јапонија или нејзиниот домашен пазар, како и азискиот регион беа генерално помалку погодени од Европа и Соединетите држави.
Toyota соопшти дека учеството на електрифицирани возила (хибриди) што ги продала минатата година се искачило на 23 проценти од вкупната продажба, споредено со 20-те проценти во 2019 година.