Цената на суровата нафта ќе има надолна линија во втората половина на годината, а падот ќе продолжи и следната година, условено од намалената побарувачка и зголеменото производство, се вели во истражувањето спроведено од страна J.P. Morgan, а чии резултати се објавени пред два дена

„Иако геополитичките тензии и ризиците условени од нив, кои се закануваат да го загрозат континуитетот на испораки, остануваат на високо ниво во текот на целата година, ние веруваме дека цените ќе претрпат корекции надоле, а тој тренд ќе продолжи и во наредната година, исто така“, вели аналитичарот J.P. Morgan, Абишек Дешпанд.

И покрај фактот што цената на суровата нафта го достигна највисокото ниво во изминатите три и пол години, оваа инвестициска банка се држи до својата прогноза за меѓународниот Brent crude или 69,30 американски долари за барел.

Во петокот суровата нафта од типот Brent се продаваше за нешто помалку од 77 долари за барел. Највисоката, неодамна остварена, продажната вредност на овој тип на нафта беше 80,50 долари за барел.

Состанок на земјите членки на организацијата OPEC ќе се одржи за две недели, а договорите кои ќе се постигнат, ќе влијаат на краткорочни промени на цената на суровата нафта. Важните членки, Русија и Саудиска Арабија, неодамна посочија дека тие би можеле да ги либерализираат договорените ограничувања во обемот на производство на сурова нафта, што ќе ја зголеми понудата на оваа суровина на пазарот.

Сегашните граници во производството на сурова нафта, важат од јануари 2017 година, а во однос на моменталната состојба на пазарот, се претпоставува дека ќе биде донесена одлука за зголемување на лимитот за дневно производство на нафта, за околу 400.000 барели дневно, наведуваат од J.P. Morgan.

„Ние веруваме дека, сепак, може да има уште краткорочен скок на цените на суровата нафта“, вели Дешпанд.