Германскиот Porsche објави дека сериската верзија на концептот Mission e, првиот електричен спортски автомобил на производителот, ќе го добие името Taycan

Taycan значи „темпераментно ждребе“ и се однесува на коњот во логото на компанијата, а производството започнува веќе следната година.

Погонот ќе биде составен од два електромотори кои заедно произведуваат 600 КС што пак овозможува забрзување од 0-100 km/h за 3,5 секунди и 0-200 km/h за помалку од 12 секунди.

И покрај импресивните перформанси, Taycan ќе има автономија од околу 500 километри. Од компанијата тврдат дека четири минути полнење ќе бидат доволни за да се помине околу 100 километри.

Шпионските фотографии покажуваат елегантен седан кој наликува на издолжена верзија на 911 со четири врати, низок „нос“ со LED фарови, како и благо закривен покрив што носи силуета како на купе модел.

Од Porsche објавија дека производството на Taycan ќе отвори 1.200 нови работни места, благодарение на инвестицијата од 6 милијарди евра во електрични автомобили до 2022 година.

Околу 600 милиони евра се планирани за развој на различни варијанти и деривати на Taycan, а околу 700 милиони евра за подобрување на технологијата и инфраструктурата на полначи.