Изум кој може да даде нов правец на автомобилската индустрија: Оваа иновација ја претвора работата на суспензијата во електрична енергија / ВИДЕО
Првично, овој нов амортизер бил дизајниран за тешки возила, но веќе има најави дека би можеле да го видиме и кај патничките возила
На овогодинешниот SEMA Show во Лас Вегас се појавија многу интересни нешта. На пример, BMW M4 Competition претворен во пик-ап.
Но, во овој случај темата не се директно автомобилите односно модели, туку решенија и иновации кои би можеле да играат голема улога во електричната иднина на автомобилите.
Имено, на SEMA 2022 е претставен уред наречен „Roadkill 5000“ кој се закачува на суспензијата на возилото и неговите турбуленции и осцилации ги претвора во електрична енергија. Пронајдокот, кој може да се покаже вреден во електрификацијата, го развила компанијата Gig Performance, чиј опсег е одржлив транспорт, односно проширување на автономијата на електричните возила.
„Roadkill 5000“ изгледа прилично едноставно, но користи сложена технологија која ја претвора кинетичката енергија во електрична енергија, а потоа ја складира во батеријата на возилото. Gig Performance не ги открива деталите за тоа како функционира технологијата во овој момент, но се знае дека системот не бара никакви корекции на суспензијата на возилото.
Во суштина, овој уред е „нов тип на динамична суспензија која кај електричните возила може да се додаде на други постоечки уреди за враќање на енергијата добиена од самото движење, како што се регенеративните сопирачки“. Компанијата првично го дизајнирала за тешки возила, но најавува дека наскоро ќе стигне и на пазарот за патнички возила.