![Италијанците направија кабриолет на Tesla Model S](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2021/01/tesla-model-s-convertible-conversion-by-ares_100777261.jpg)
Италијанците направија кабриолет на Tesla Model S
Електричниот кабриолет со две врати ќе се изработува по нарачка
Италијанската компанија за производство и модификации на купе модели, ARES Design, изработила кабриолет верзија на електричниот Tesla Model S. Интересниот проект е изработен на барање на клиент, а покрај покривот ги загубил и задните врати.
Но ARES Design не само отстранувал, туку и додавал. Така, автомобилот има мек покрив кој се повлекува зад задните седишта. Пристапноста до задните седишта е малку тешка поради отстранување на задните врати и Б-столбовите, но решението е преклопување на предните седишта.
Инженерите на компанијата ги зајакнале страничните панели на автомобилот, но во моментов нема систем за заштита од превртување. Компанијата вели дека специфичниот модел е демонстратор за технологија, но секој од нивните идни кабриолети за производство ќе има целосен безбедносен систем, сличен на оној во отворените модели на Audi, BMW и Mercedes.
Седиштата од вториот ред не се од оригиналниот Model S, туку се специјално изработени од ARES, од фина ледено-бела кожа со портокалови детали. Генерално, Италијанците направиле многу со дизајнот, а за да ја направат машината похармонична, додале дискретен карбон аеро комплет.
Од Ares Design нема ниту збор за техничките податоци за автомобилот, ниту за тоа која верзија на Telsa Model S е земена како „донатор“. Информација нема ниту за цената. Сепак, тие потврдуваат дека се подготвени и имаат можност за производство на отворен електричен автомобил на барање на клиентите.