Кинеската автомобилска индустрија префрли огромен дел од своите капацитети на производство на електрични возила, кои се поконкурентни од европските

Како што е веќе познато, почнувајќи од 2035 година, автомобилите на бензин и дизел, па дури и хибридите, односно plug-in хибридите, повеќе нема да се продаваат во Европската унија. Многумина тоа го поздравуваат, но има и многу кои го гледаат како неуспешен потег, кој може да и наштети на европската индустрија. Италија, на пример, го засили своето негодување, а министерот за транспорт Матео Салвини го нарече преминот на електрични возила самоубиство и подарок за кинеската автомобилска индустрија.

Јасно е зошто размислува така. Кинеската автомобилска индустрија огромен дел од своите капацитети префрли на производство на електрични возила, кои се поконкурентни од европските, односно до 10.000 евра поевтини, ако се споредат моделите во исти класи. Дури и големите европски производители мака мачат со продажбата на електрични автомобили во Кина, бидејќи локалната конкуренција е премногу силна.

„Сите ние се грижиме за водата, квалитетот на воздухот и за почиста животна средина, но тоа не значи отпуштање милиони работници и затворање на илјадници фирми. Идеолошкиот фундаментализам на струјата е самоубиство и подарок за Кина“, вели Салвини, кој ја предводи десничарската партија „Lega Nord“.