Истражување: на патиштата во ЕУ до 2030 година ќе има над 60 милиони патнички електрични возила, повеќе од Кина и САД
Се проценува дека до 2035 година пазарот за мобилност како услуга во ЕУ ќе достигне 200 милијарди евра
Сè поскапите моторни горива дополнително ќе ја забрзаат електрификацијата на возниот парк во Европската унија, така што продажбата на електрични автомобили до 2030 година ќе претставува повеќе од половина од вкупната продажба на автомобили во ЕУ.
За придвижување на проценетата флота од над 60 милиони електрични возила во 2030 година, ќе биде неопходно да се обезбедат над 180 TWh електрична енергија, покажува студијата на независната консултантска компанија Horváth.
Според проценката на Horváth, до 2030 година, една третина од вкупната флота на автомобили на ЕУ ќе бидат електрични возила, што ја прави ЕУ глобален лидер, со повеќе електрични возила од САД (се проценува дека до 2030 година ќе има околу 20 милиони електрични возила во САД), кои сочинуваат околу 10 отсто од возниот парк) и Кина (се проценува дека до 2030 година во Кина ќе има околу 40 милиони електрични возила, или околу 15 отсто од возниот парк).
„Автомобилската индустрија е во средина на голема трансформација бидејќи од една страна имаме пад на побарувачката за компоненти и возила напојувани од мотори со внатрешно согорување, додека производителите на компоненти за електрични батерии и електрични возила бележат зголемен раст. Најголемите можности сега во оваа фаза на развој на пазарот ги гледаме во развој на пазарот на полнење на електричните возила, а во втората фаза во развој на различни услуги за мобилност“, вели Марија Болдор од консултантската компанија Horváth.
Со толку голем пораст на бројот на електрични возила, расте потребата од електрична енергија, како и различниот опсег на услуги за полнење на овие возила. Вредноста на пазарот за полнење на овие возила во ЕУ ќе надмине 45 милијарди евра до 2030 година и 100 милијарди евра до 2040 година.
Притоа пазарот за полнење ќе се развива во три насоки, во зависност од местото и очекуваното време на полнење. Дури 75 проценти од овој пазар се однесува на услуги за полнење возила дома и на работа каде што очекуваното време за полнење е над 150 минути, 15 проценти се услуги за попатно полнење (при извршување на други задачи како што се купување, посета на ресторани итн.) каде што очекуваното време на полнење помеѓу 30 и 150 минути и услугите за полнење на патувања кои сочинуваат 10 проценти од пазарот и каде што е клучно времето на полнење да биде под 30 минути.
Понатамошниот развој на пазарот се движи во насока на развивање на „мобилноста како услуга“, а од Horváth сметаат дека пазарот е веќе подготвен, имајќи предвид дека дури 20 проценти од сопствениците на возила се подготвени да ги изнајмат своите возила за комерцијални цели. Затоа од Horváth проценуваат дека до 2035 година пазарот на мобилност како услуга во ЕУ ќе достигне 200 милијарди евра.