Претставници на автомобилската индустрија од Иран, Русија и Турција размислуваат за заедничка програма за дизајнирање и производство на автомобили, пишува Радио Слободна Европа, повикувајќи се на ирански државни медиуми

„Постои голема можност за трипартитна соработка меѓу производителите на автомобили од три земји. Тие можат да заземат голем дел од пазарот“, вели шефот на иранската асоцијација на производители на автоделови, Мохамадреза Наџафи-Манеш.

Како што вели тој предлогот прв го претставила Турција, а Русија е „заинтересирана“.

Многу западни производители на автомобили почнаа да произведуваат автомобили во Русија во последните две децении, но од почетокот на руската инвазија на Украина, повеќето се повлекоа. Западните земји воведоа санкции кон Русија, кои ја попречуваат автомобилската индустрија во земјата.

Во 2018 година, САД се повлекоа од иранскиот нуклеарен договор од 2018 година и повторно воведоа строги санкции кон Иран.