И Volkswagen размислува за развој на летачки возила
Volkswagen е последниот во низата производители на автомобили кој сè повеќе гледа кон небото и ја истражува можноста за развој на летечко возило
Најголемиот европски производител на автомобили во соопштение за јавноста вели дека по развојот на технологии за самовозечки автомобили, следниот чекор може да биде таканаречената вертикална мобилност.
„Во Кина ги проучуваме потенцијалните концепти и партнери за да ја утврдиме можноста за индустријализација на овој пристап“, се вели во соопштението на Volkswagen.
Прашањето е зошто во Кина? Според CNN тоа е логично бидејќи Кина е најголем пазар за германскиот гигант.
Volkswagen ги објави вестите во време кога работи напорно за да ја електрифицира својата гама на возила. Само минатата година произведе три пати повеќе електрични возила од претходната, а брзо се зголеми и продажбата на нивните хибридни модели, на 190.500 примероци, што е пораст од 175%.
Сепак, вертикалната мобилност претпоставува и голем број предизвици за производителите на автомобили. Најголемиот проблем е безбедноста, бидејќи возилата заедно со беспилотните летала и авиони дополнително би го оптеретувале воздушниот простор, а треба да се земат во предвид и сите законски регулативи кои земјите треба да ги усвојат и за кои веројатно би биле потребни неколку години.
Uber и Hyundai, исто така, ги претставија своите планови за развој на летечко возило на саемот за електроника CES во Лас Вегас минатиот месец, претставувајќи го своето летечко такси. Компаниите кои се занимаваат со оваа технологија се поддржани и од Daimler, Porsche и Toyotа.