Toyota Motor Europe воведува ново лого на марката и нов дизајнерски јазик

И јапонскиот гигант се приклучи на списокот на брендови кои решија да влезат во дигиталното време со ново лого. Промените воглавно не се големи и одат во насока на поедноставување на дизајнот за да се прилагодат на дигиталните платформи и да овозможат полесна примена.

Со редизајнираните верзии на логото и типографијата, марката означува нова фаза во работењето и транзицијата од производител на автомобили до давател на мобилност. Логото на корисниците ќе биде прикажано преку новиот Yaris Hyubrid, првиот модел со обновеното лого на брендот.

Од Toyota посочуваат дека новиот визуелен идентитет е оформен по четири клучни принципи: насоченост кон иднината, подготвеност за мобилност, поизразено премиум чувство и суперконтинуитет во сите индустрии и деловни сегменти.

Едноставно кажано, новото лого е спуштено на едноставен 2D дизајн, а името Toyota е изоставено бидејќи се проценува дека самата марка е добро позната низ цела Европа. Новиот визуелен идентитет е придружен со разгранета типографија, Toyota Type.