И тоа се случи: За првпат во Европа, електричните автомобили и хибридите во август ги надминаа дизелите по продажба
Најпродаван целосно електричен модел во август е VW ID.3, заедно со Tesla Model 3 на второто и VW ID.4 на третото место
Според JATO Europe, продажните бројки на целосно електрични и plug-in хибридни возила во Европа овој август (2021 година) за првпат ги надминале оние на дизелите.
Имено, EV и plug-in хибридните автомобили во август имале дури 21 процент од пазарниот удел, со 151.737 испораки, додека дизелите остануваат под 20 проценти, или 141.635 испорачани возила. Што се однесува до бензинците, тие моментално заземаат повеќе од половина од пазарниот удел со 56 проценти, иако тој исто така постепено се намалува.
Продажбата на електрични возила расте навистина силно – од јануари до август 2021 година, продадени се вкупно 1,32 милиони EV и хибриди, додека во истиот период минатата година, биле продадени само 158.300 единици.
Најпродаван целосно електричен модел во август е VW ID.3, заедно со Tesla Model 3 на второто и VW ID.4 на третото место. Што се однесува до plug-in хибридите, најпродаван е Ford Kuga, додека второто и третото место им припаѓа на Mercedes GLC и BMW серија 3.
Вкупниот број на регистрации на нови автомобили во август за европскиот пазар изнесува 713.714 возила, што е за 18 проценти помалку од минатата година или 33 проценти помалку од годината пред тоа.
Причината за ова може да се припише на недостатокот на чипови што предизвикува долг период на чекање за повеќето нови автомобили, при што многу клиенти се одлучуваат за користени возила.
Топ 5 најпродавани нови автомобили се VW Golf, Dacia Sandero, Toyota Yaris, Dacia Duster и VW T-Roc. VW Golf се уште бележи значителен месечен пад во споредба со 2021 година. Изненадувачки, стариот Fiat 500 е на шестото место со вкупно 10.966 месечни регистрации, од кои 3.152 се однесуваат на електричната верзија.