Првиот целосно електричен теренец на Škoda премиерно претставен во Прага

Најавен со минатогодишниот концепт Vision iV Concept, Enyaq iV е стилски електричен кросовер кој се одликува со целосно затворена решетка – во која се наоѓа скриен приклучок за полнење – до која се поставени тенките LED фарови. Варијантите од повисокиот дел од понудата нудат и таканаречено „Кристално лице (Crystal Face)“ кое се состои од 130 LED диоди кои ја осветлуваат решетката.

Актуелните теренски возила на Škoda (Kamiq, Karoq и Kodiaq) имаат имиња кои започнуваат со буквата К, а завршуваат со Q, што не е случај овде (барем не целосно) бидејќи почетната буква на најновиот SUV модел во гамата на Чесите е буквата Е која асоцира дека станува збор за електричен теренец.

Како што е објаснуваат од Škoda, името на новиот модел потекнува од ирскиот збор „enya“ што значи „извор на живот“, додека самата Enya потекнува од галскиот збор „Eithne“ што значи „значење“, „дух“ или „суштина“.

Кога станува збор за димензиите, моделот е со должина од 4.649 mm, ширина од 1.879 mm и висина од 1.616 mm со меѓуоскино растојание од 2.765 mm. Од Škoda додаваат дека моделот е исто толку простран како и Kodiaq и нуди капацитет на багажниот простор од 585 литри. Изборот на тркала е од 18-21 инчи.

Висока технологија и минималистички ентериер

Дизајнерски се е сведено на минимум што резултира со рационализиран кокпит со минималистички изглед – дигитален инструмент кластер зад мултифункционалниот волан, симетрична централна конзола чиј највисок дел е 10 или 13 инчниот екран на допир од мултимедијалниот систем.

Кога станува збор за внатрешноста, во понуда ќе бида десет различни „теми“ меѓу кои екофокусираните Lodge и ecоSuite. Lodge ентериерот се одликува со стилски навлаки за седишта кои се 40% волна и 60% полиестер изработени од рециклирани шишиња. ЕcoSuite варијантите имаат кожа во коњак боја, третирана со екстракти од лисја од маслинки.

Skoda не објави целосни детали, но дури и базниот Enyaq iV ќе биде опремен со кожен волан, двозонскa клима и стартување со копче. Повисоките варијанти добиваат карактеристики како што се загреан волан, сензори за паркирање и камера за поглед наназад – меѓу другото.

Се разбира, опционално ќе биде достапна цела палета на висока технологија, вклучително и head-up дисплеј со технологија на проширена реалност. Моделот исто така располага со низа системи за помош на возачот, вклучувајќи Adaptive Cruise Control, Adaptive Lane Assist, Collision Avoidance Assist и Traffic Jam Assist.  Тука се и Turn Assist, Travel Assist, Exit Warning…

Пет различни погонски единици

Enyaq iV ќе се нуди со три различни батерии и пет варијанти на моќност. Влезната верзија 50 има литиум-јонска батерија од 55 kWh, која го напојува електричниот мотор поставен на задниот дел, кој произведува 109 kW / 146 КС и вртежен момент од 220 Nm. Сето ова овозможува на моделот од 0-100 km/h да забрзува за 11,4 секунди, пред да постигне максимална брзина од 160 km/h. Што е уште поважно, моделот има автономија до 340 километри во циклусот WLTP.

Варијантата 60 има поголема батерија од 62 kWh која го напојува надграден задно поставен електричен мотор кој произведува 132 kW / 177 КС и 310 Nm. Благодарение на дополнителната моќност и поголемата батерија, забрзувањето до 100 km/h е намалено на 8,7 секунди, додека автономијата се искачува на 392 километри.

Скалило погоре е варијантата 80 која има батериски пакет од 82 kWh и електричен мотор кој развива 150 kW / 201 КС и 310 Nm. Забрзувањето до 100 km/h е 8,5 секунди, а автономијата оди до 510 километри по WLTP.

Верзијата 80x има два електромотори кои на кросоверот му овозможуваат 4х4 погон, како и комбинирана моќност од 195 kW / 261 КС и 425 Nm вртежен момент. Забрзувањето до стотка е намалено на 6,9 секунди, но и автономијата – 460 километри по WLTP.

Врв во понудата е RS варијанта која овозможува моќност од 225 kW / 302 КС и вртежен момент од 460 Nm. До стотка се стигнува за 6,2 секунди, пред да се постигне максимална брзина од 180 km/h. И покрај пристојните перфоманси, автономијата не страда бидејќи моделот може да помине 460 километри со едно полнење.

Од Škoda нема многу информации за времето на полнење, но истакнуваат дека батеријата од 82 kWh може да се наполни до 80% за 38 минути со помош на брз полнач.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1mDuvKYg2zdPEGwK6SnKRB5CziXcUhKSb” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Нема информации ниту за цената. Она што се знае е дека производството на Enyaq iV ќе започне подоцна оваа година, во Млада Болеслав. Производната линија ќе биде флексибилна и од неа секојдневно ќе може да бидат симнати 250-350 електрични кросовери. Продажбата ќе започне на почетокот од следната година.