Францускиот производител Renault го претстави ажурираниот кросовер Captur, за моделната 2021 година. Популарниот модел останува без дизел мотори, но добива нова спортска верзија RS Line.

Гамата на Renault Captur (2021) вклучува бензински единици со 90 и 140 КС, како и верзија со плин TCe 100 LPG со 100 КС. Менувачите се 6-брзински мануелни или преселективни роботизирани. Кросоверот исто така ќе биде достапен како plug-in хибрид со 160 КС, а во подоцнежната фаза ќе се појави слична верзија со стандарден хибриден погон. Од гамата се исклучени 1.5-литарските дизел мотори со 95 односно 114 КС.

Што се однесува до верзијата RS Line, таа се разликува по новиот преден браник, трапезоидни издувни цевки, тркала од 18 инчи со оригинален дизајн и специјално лого. Опремата на оваа варијанта вклучува виртуелна инструмент табла со дијагонала од 10 инчи, камера за рикверц, парктроник и безжичен полнач за паметни телефони.

Внатрешноста се потпира на црвени акценти на седиштата, воланот и рачката на менувачот, кои се покриени со перфорирана кожа, како и елементите на дефлекторите и внатрешноста на вратите. Предниот панел има украсни детали од карбон.

Во Европа, цените на ажурираниот модел започнуваат од 21.750 евра, а верзијата на Captur RS Line чини минимум 28.400 евра. Plug-in хибридната верзија е со цена од 34.850 евра, додека најскапата опција – Captur E-Tech Plug-in со 160 КС и ниво на опрема Initial Paris ќе биде достапна за 38.550 евра.