Ограничувањето на брзината ќе заштеди речиси два милиони тони емисии на CO2. И патиштата би биле малку побезбедни, вели Себастијан Фетел

Германскиот Autobahn е познат по бројните делници без ограничување на брзината, кои многу возачи ги користат за да ги проверат границите на своите автомобили. Кратко по федералните избори во Германија, започнаа дискусии за иднината на Autobahn-от во однос на воспоставување на ограничувања на брзината, со што се согласува дури и Formula 1 возачот, Себастијан Фетел.

Четирикратниoт светски шампион во Formula 1 верува дека се неопходни ограничувања на брзината на автопатот. На неодамна одржаната трка во Турција минатиот викенд, Фетел ги коментираше и изборите во Германија: 

„Не сум разочаран од резултатот. Очекувам следната влада конечно да дејствува, а не само да зборува за прашања како што се социјалната неправда или климатската криза. Има многу работи што треба да се решат сега“.

Откако го посвети својот живот на трки во врвната мотоспорт серија, и покрај тоа што поседува голема колекција на тркачки автомобили, и брзината секако не му е непознаница, Фетел сеуште верува дека безбедноста и животната средина треба да бидат на прво место. 

„Не се работи за лични чувства. Треба да ја погледнете поголемата слика. Ограничувањето на брзината ќе заштеди речиси два милиони тони емисии на СО2. И патиштата би биле малку побезбедни. Во Германија, многу несреќи се случуваат поради недостаток на ограничувања на брзината. Ако го спасиш животот на само една личност, тоа веќе има смисла за мене“.

Иако многумина веруваат дека ограничувањата на брзината на автопатот се прашање на слобода, Фетел нема проблем со тоа. 

„Ако сакате да стиснете на педалата за гас, треба да го сторите тоа каде што е безбедно. Во овој случај, тоа е тркачка патека. Можете да ги тестирате вашите граници без да ги ставате другите во опасност“.