Hyundai Tucson – Автомобил на годината во Македонија за 2022 година
Изборот „Автомобил на годината во Македонија“ годинава се организира по 27. пат
Во Изборот учествуваат новинари со долгогодишно искуство и стаж во следењето на автомобилските новитети и случувања, а победникот ја добива наградата – стилизирана маска на ладилник, авторско дело на Валентин Ширилов, што се доделува од самиот почеток на Изборот.
Како што соопштија од жирито, согласно условите за учество во Избор на Автомобил на годината за 2022 во Македонија, во финалниот круг (по азбучен редослед) биле следните модели:
- BMW iX
- Dacia Sandero
- Honda Jazz
- Hyundai Tucson
- Kia Sorento
- Opel Mokka
- Toyota Yaris Cross
- Volkswagen ID.3
Како се гласа?
- Секој од членовите на жирито има право на еден глас.
- Право на еден рамноправен глас имаат и самите финалисти, кои можеа да гласаат за еден кандидат, освен за сопствениот модел
- Годинава право на глас имаше и публиката. Преку организирање на онлајн гласање и претставување на сите финалисти, моделот што ќе добие најмногу гласови добива еден (1) рамноправен глас со гласовите на членовите на Жирито и гласовите на финалистите.
При изборот на „Автомобил на годината во Македонија за 2022“ Националното Жири се раководело од шест критериуми: адекватност и понуда на домашниот пазар, економичност и еколошка прифатливост, безбедност и примена на технолошки достигнувања, возни својства, дизајн, комфор и опременост.
Согласно критериумите за Избор, членовите на Националното жири за избор на Автомобил на годината во Македонија 2022, оваа годината титулата ја доделуваат на моделот Hyundai Tucson, а во образложението на одлуката стои дека четвртата генерација на Tucson прави значаен технолошки исчекор во однос на својот претходник. Новата платформа овозможува вградување на бензински и дизел мотори, но што е многу позначајно, таа може успешно да одговори на еколошките барања поради можноста за вградување на електрифицирани погонски единици. Уште еден од важните предуслови кои одат во прилог на победникот е извонредниот ценовен однос на квалитетот и опременоста спрема вложените средства.
Националното Жири и годинава да го додели признанието за електричен автомобил на годината, а за 2022 година тоа е за моделот VOLKSWAGEN ID.3.
Националното Жири за Избор на „Автомобил на годината во Македонија“ по петти пат го доделува и признанието „Томислав Биљарац“, во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на Националното жири за Избор за автомобил на годината во Македонија. Наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија, а оваа година оваа награда е доделена на Зоран Марковски.