Hyundai и Kia ги прекинаа разговорите со Apple
Hyundai и Kia во понеделникот објавија дека ги прекинале разговорите со Apple за составување на автономен автомобил
Како резултат, акциите на Hyundai забележаа пад за 6,2 проценти, додека акциите на Kia за дури 15%. Така, за еден ден беа избришани неверојатни 8,5 милијарди долари пазарна капитализација на двата корејски гиганти.
Ова сценарио не е изненадување. Од пред неколку дена е познато дека во рамките на Hyundai има сериозни резерви по темата за можен договор со Apple. Оваа компанија и претходно не сакаше да соработува со други, кои не се дел од холдингот, а како аргумент за тоа се наведува сегашното високо ниво на вертикална интеграција во концернот. Толку е голем што Hyundai дури поседува фабрики за производство на челик кој се користи за склопување на возилата.
Reuters во декември напиша дека Apple напредува со технологијата за автономни автомобили и планира да произведе патничко возило кое би можело да вклучи своја сопствена технологија за батерии уште во 2024 година.
Apple, за кој е познато дека ги чува во тајност плановите на производи, никогаш не ги призна разговорите со производителот на автомобили за производство на возила и не беше достапен за коментар.