Најмалиот кросовер модел во портфолиото на Hyundai во моментов е моделот Bayon, претставен на почетокот на оваа година

 

Позициониран под Kona, тој е само за нијанса помал од него и ја дели архитектурата со популарниот i20. Како и сродниот хечбек, тој се нуди исклучиво со погон на предните тркала, со избор кој се состои од две единици, 1.2-литарски агрегат со 84 КС и 1.0-литарски турбо агрегат со 100 и 120 КС.

Токму основниот модел, бил подложен на „тестот на северниот елен“. Поставен е на 16 инчни бандажи, обмотани со гуми Michelin Primacy 4. Тимот на km77 го оценил Bayon како просечен, со значително навалување на телото во случај на форсирање, кога секој пат влегува со електронската интервенција на стабилноста, намалувајќи ја брзината на возилото.

Во првиот обид, малиот кросовер тестот го завршил со влезна брзина од 75 km/h, што е за 2 km/h побавно од нормата. Одговорот на Bayon помеѓу конусите бил предвидлив. Останатите обиди биле направени при брзини од 76 km/h, кога еден конус бил соборен, и 80 km/h, што било преголем залак за малиот кросовер.

Така, Bayon тестот го извел правилно со максимална брзина од 75 km/h, за потоа да се префрли на слалом. Не се покажал особено агилен, повторно страдал од значително навалување на телото, што не е невообичаено кај малите кросовери со погон на предните тркала.

Иако Bayon номинално „паднал“ на тестот, тој се покажал како подобар од етаблирани имиња како Mercedes-Benz S класа (74 km/h) и Jeep Renegade 4xe (70 km/h). Постигнатиот резултат е на ниво на RS e-tron GT, веднаш зад новиот BMW M4 Coupe.