Холандија нов европски лидер по продажбата на електрични автомобили
Во оваа земја со 17,4 милиони жители, минатата година биле продадени 67.695 EV, резултат со кој земјата е дури и пред Германија, која има над 82 милиони жители, а во која во 2019 година биле продадени 63.491 електрични автомобили
Холандија со продадени 67.695 возила и Германија со 63.491 единици биле најголемите пазари на електрични автомобили во Европа за 2019 година.
Иако не е најголемиот пазар по бројот на продадени електрични возила, Норвешка може да се пофали со најголем пазарен удел на електричните возила во минатогодишната продажба на нови автомобили, 42,4 проценти. Според аналитичарите, оваа бројка може да се искачи на 60 проценти оваа година. Најпродаваниот електричен автомобил во Норвешка е Tesla Model 3, сега за сега.
Инаку во ЕУ во 2019 година биле продадени повеќе од 290.000 електрични автомобили, скоро двојно повеќе од 2018 година, според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA). Продажбата се зголемила за 93,8 проценти.
Според ACEA, продажбата на хибридни возила се зголемила за скоро 50 проценти во 2019 година (465.026 единици), а продажбата на plug-in хибридни автомобили со батерии што можат да се полнат се зголемила за 13,9 проценти или 174.103 единици.
Алтернативните возила кои користат ТНГ и природен гас – метан, учествувале со 10,7% во вкупната продажба на автомобили во ЕУ за 2019 година, што претставува зголемување од уделот од 7,5. проценти споредено со една година порано.
Во исто време, продажбата на дизели паднала за 13,9 проценти или 4,65 милиони единици. Гледано како удел во вкупниот пазар станува збор за 30,5 проценти.
Бензинците сè уште се далеку најпопуларните возила во ЕУ, со зголемена продажба за 5,2 проценти или 8,96 милиони, а гледано како пазарен удел зголемувањето е повеќе од 2% или 58,9 проценти.