Хибридните Fiat 500 и Panda со ултравиолетово осветлување
Идејата за употреба на ултравиолетова светлина за дезинфекција на салонот не е нова
Хибридните Fiat 500 и Panda добиваат пакет D-Fence од компанијата Mopar, која е дел од концернот FCA. Комплетот, според дизајнерите, помага да се намали ризикот од инфекција на возачот и патниците. Системот се состои од три елементи.
Првиот е филтер на влезот од салонот, кој „лови“ прашина, честички, 100% алергени, а исто така го намалува и формирањето на мувла и бактерии за 98%. Вториот дополнителен филтер HEPA е во внатрешноста и го чисти воздухот што веќе влегол во внатрешноста, собирајќи микрочестички, особено полен и бактерии. Третиот елемент е ултравиолетова светилка, која убива 99% од бактериите што се наоѓаат на површините (воланот, менувачот, седиштата).
Хибридните автомобили се опремени со 3-цилиндерски 1.0 FireFly (70 КС, 92 Nm со 12-волтен BSG мотор-генератор со моќност од 3,6 kW и 6-степен мануелен менувач). Енергијата која се создава при сопирање се акумулира во литиум-јонска батерија и подоцна се користи за рестартирање на моторот со внатрешно согорување, како и за да му помогне во забрзувањето.
Рака на срце, идејата за употреба на ултравиолетова светлина за дезинфекција на животната средина во автомобилите не е нова. Jaguar Land Rover планира да инсталира таква светилка во системот за вентилација за да го чисти протокот на воздух, додека идејата на Италијанците вклучува ултравиолетова дезинфекција на ентериерот.
За да се рестартира градската мобилност во ерата на надминување на кризата со коронавирусот, FIat во соработка со FCA банката, лансира и нов финансиски производ наречен #partileggero. Станува збор за набавка на градски автомобили на кредит без авансно плаќање со исплата на само три евра на ден за Panda или четири евра на ден за Panda Hybrid и 500 Hybrid (сите со пакет D-Fence). Ова е еквивалент на два автобуски билети за Рим, според производителот. Во денешното опкружување, за многу луѓе е неспорно дека приватниот автомобил e побезбедно место од јавниот превоз. Системот D-Fence ќе биде проширен и на останатите модели на Fiat, велат Италијанците.
FIat Panda со системот D-Fence ќе чини 9.820 евра, додека Fiat 500 10.820 во таа верзија.