Групацијата Volkswagen продала повеќе од 315.000 електрифицирани автомобили во Европа
Но, дури и тоа не е доволно за да се избегнат финансиски казни поради прекумерните флотни емисии на штетни гасови
Ако може да му се верува на Херберт Дис, првиот човек на групата VW, германскиот гигант веќе подготвил пари за парична казна која што ќе изнесува нешто повеќе од сто милиони евра. Но, тоа не ги обесхрабрува, бидејќи, како што вели Дис, претходната година била многу добра кога станува збор за електрични возила.
Така, во 2020 година, групацијата VW испорачала вкупно 315.400 електрични автомобили на територијата на земјите-членки на ЕУ, Велика Британија и EFTA, што е далеку повеќе отколку во 2019 година, кога ваквите модели стигнале до 72.600 клиенти. Според надлежните во германската компанија, моделите на Volkswagen и Audi најмногу придонеле за растот на продажбата на алтернативни возила.
Volkswagen минатата година забележал 212.000 регистрации кога станува збор за батериски возила. Од тоа, дури 134.000 отпаѓаат на електрични автомобили. Лансирањето на ID.3 е многу важен чекор за Volkswagen, бидејќи од овој модел се очекува многу на европскиот пазар. Така, ID.3 веќе има регистрирано 56.500 испорачани единици во 2020 година.
Кога станува збор за успехот на електричните модели, треба да се напомене дека Audi е-Tron доживеа голем пробив на пазарот во изминатата година. Овој SUV модел со погон на батерии стигнал до 47.500 нови сопственици, со фантастичен раст на продажбата од 79,8%!
Сепак, групацијата Volkswagen очекува далеку подобри резултати оваа година, особено во областа на електричните возила. Се очекува раст, со почетокот на продажбата на неколку модели како што се: Q4 e-tron, Škoda Enyaq iV, Cupra El-Born и Volkswagen ID.4.