Новиот претседател на Соединетите држави побарал скоро 650.000 електрични автомобили за службите и институциите во земјата

Новиот американски претседател Џо Бајден предизвика револуција со објавата на Twitter во која објави дека сака целата американска федерална флота на автомобили да биде заменета со електрични автомобили

Ова ќе ги опфати сите можни служби и институции во земјата и ќе треба да започне да се случува во најскоро време.

Според планот на Бајден, повеќе од 645.000 возила ќе бидат заменети со електрични – 245.000 цивилни, 173.000 воени и 225.000 на поштенските служби. Другата важна работа е што претседателот сака возилата да се произведуваат во САД, како дел од неговиот план „Made in America“ заради стимулирање на набавката на локална стока и зголемување на домашното производство.

Џо Бајден отсекогаш бил голем поборник за електрична мобилност и животната средина, што е во целосна спротивност со радикалниот став на неговиот претходник, Доналд Трамп. Така, штом ја презеде функцијата, претседателот ги врати САД во Парискиот климатски договор и назначи експерти за климатски промени. Според Бајден, поттикнувањето на сите форми на чиста енергија и нејзината употреба во што е можно повеќе области ќе придонесе за подемот на економијата и ќе доведе до отворање на многу нови работни места.

Транзицијата на федералните власти и служби на електрични возила ќе биде долг и сложен процес, особено поради фактот што многу владини автомобили во моментов се релативно нови и ќе треба да мине време пред да бидат заменети. Исто така, остварувањето на планот во различни структури и организации не може да се изврши одеднаш, туку ќе бара комплексни решенија, кои исто така можат да бидат долготрајни.

Другиот сериозен проблем со кој се соочува амбициозниот план за електрификација е сè уште развојот на електрични модели од страна на американските компании. Надвор од Tesla, која има поширок спектар на производи, другите етаблирани производители дури сега започнаа да лансираат нови батериски модели. Се разбира, има многу нови играчи кои најавуваат дека имаат сериозни намери, но дури и таму работите се во рана фаза.

Во моментов, некои електрични автомобили сè уште се скапи, а за некои поспецијализирани модели ќе биде потребно многу време за развој. Според експертите, постепеното реновирање на возниот парк треба да започне од службите каде дневната километража не е многу голема и не би барало кој знае какви инвестиции во големи батерии и други технологии.