По објавата дека во понудата за Dacia Sandero нема дизел единици, стигнува уште една интересна вест – Renault од наредната година ќе ја редуцира дизел понудата

Како најдобар пример за ова тврдење, се последните два или три производи претставени од групацијата Renault. Тоа се моделите Renault Arkana, како и новите Dacia Sandero и Dacia Logan, кои на пазарот доаѓаат без дизел понуда.

Одлуката донесена од челниците на Renault во врска со дизелот сигурно не е нова. Напротив, одлуката датира уште од пред неколку години, но забрзаната реализација се чини ја наметнува пазарот. Имено, во Франција, уделот на дизелот од 73% во 2013 година е паднат на скромни 31% во тековната 2020 година.

Покрај ова, челниците на автомобилските производители секако дека се подготвуваат и за ситуацијата која ќе дојде наскоро, а која предвидува се помасовна забрана на дизелите во централните градски зони.

Како и да е, моделот последната генерација на Clio, која беше претставена минатата година, изненади со понудата на две варијантни од моделот 1.5 Blue dCi, додека за моделот 208, Peugeot понуди еден блок BlueHDI. Дополнително, многу брендови веќе ја згаснаа понудата на дизел во нивните урбани мали модели. Тука се Audi, Hyundai или Škoda. Дизел понудата сè уште е жива за поголемите модели, бидејќи споменатото учество од 31% сеуште не е толку мало.

Во однос на Renault, постепеното отстапување од дизелот веќе е започнато. Со рестилизацијата дизел понудата за Megane се сведе на само еден модел кој нуди 115 коњски сили. Процесот сигурно ќе се забрза и бројот на дизели ќе се намали релативно брзо од повеќе причини.

Првиот пакет причини се однесува на еко регулативите. Од 1 јануари 2021 година, во сила стапува нормата Euro 6D. Имплементацијата на оваа регулатива подразбира унапредување на системот за прочистување на издувните гасови. Овој детал особено се однесува за моделите од типот 1.5 Blue dCi. Затоа набрзо од палетата за Clio и Captur ќе ги снема дизел преставниците. Сепак, тие ќе се вратат во текот на следната година, но само со едно ниво на моќност, наместо со две како во моментов. Така, дизел понудата полека но сигурно бледнее.

По новите регулативи за емисија, како причина се наметнува и процесот на електрификација на гамата. Така, Captur, кој од јуни се нуди и како plug-in хибрид со 160 КС, од следната година ќе се нуди и како обичен хибрид со 140 „коњи“. Сличен процес се забележува и кај другите производители, па така наскоро Peugeot ќе ја отстрани варијантата BlueHDi со 180 КС од теренецот 3008, со цел да ослободи простор за верзијата PHEV со 225 КС.

Процесот на елиминација на дизелот е започнат. И тука нема враќање назад.