Volkswagen објави дека производството на новата генерација на Golf, осма по ред, ќе започне во јуни 2019 година

Првиот автомобил во чие производство учествуваат 120 добавувачи ќе биде завршен за 75 недели од денес.

„Новиот Golf ќе го воведе VW во една нова ера на целосно поврзани автомобили со зголемени можности за автономно возење. Автомобилот ќе има повеќе софтвер од било кога досега. Секогаш ќе биде online, а неговиот дигитален кокпит и системи за поддршка ќе бидат репер за поврзување и безбедност“, вели шефот на секторот за мали возила во Volkswagen, Карлхајнц Хел.

Golf е најпопуларниот модел во историјата на германската марка и втор најпродаван автомобил на сите времиња, со скоро 35 милиони примероци во нешто повеќе од четири децении.

Моделот е икона во хечбек класата, но исто така и возило кое го диктира трендот во автомобилската индустрија, кој го следат не само моделите на VW, туку и конкуренцијата.

Golf 8 ќе биде претставен на саемот во Франкфурт во септември 2019 година, а VW објави дека ќе завземе конзервативен пристап кон надворешниот изглед со бројни внатрешни промени.

Новата генерација на Golf за прв пат ќе има хибриден погон со 48-волтен систем, сличен со верзијата вградена во Audi A8, а кој ќе овозможи целосно исклучување на моторот при крузирање заради заштеда на гориво.

Додека глобалната автомобилска индустрија се фокусира на електрични возила, а дел од тоа е и новиот електричен Golf I.D, првите луѓе на VW се убедени дека традиционалниот Golf и понатаму ќе столбот на компанијата и со новата генерација.

Што се однесува до конвенционалните погонски агрегати, во понуда ќе бидат 1.0-литарски 3-цилиндерски бензинец со 95 и 116 КС, 1.5-литарски со 130 и 150 КС, и најмоќниот 2.0-литарски со 197 КС.

Дизел агрегатот ќе доаѓа само во 2.0-литарска верзија во моќност од 122-224 КС, а од Волфсбург најавуваат и поспортски верзии.

VW во новиот Golf има инвестирано околу 1,8 милијарди евра, вклучувајќи и надградба на фабриката во Волфсбург, од која секојдневно излегуваат повеќе од 2.000 единици.

Од германската компанија тврдат дека Golf повторно ќе биде „национален автомобил“, односно ќе има пад на цената. Се шпекулира за почетна цена од околу 18.000 евра.