Иако трендовите кога станува збор за автомобилски бои се менуваат, тешко дека сивата, белата или црната во скоро време ќе ја изгубат популарноста

Дури може да се каже дека боите на автомобилите последнава деценија станаа прилично здодевни. Самата понуда е многу помалку колоритна од порано, а клиентите најчесто го избираат она што би можеле да се нарече „50 нијанси на сиво“. Сивата, црната, сребрената и белата боја доминираат на пазарот на автомобили.

Платформата за известување за историјата на автомобилите, CarVertical, спровела голема студија за боите која донесува многу интересни факти.

Земјите со топла клима имаат повеќе шаренило кај автомобилите во споредба со постудените земји. Автомобилите со светли бои не се вообичаени во Норвешка, Канада или Шведска, но тие се многу чести во Калифорнија или Италија. Исто така, општо правило е дека белите автомобили се попопуларни во потоплите региони бидејќи белата боја ја рефлектира сончевата светлина, поради што е помалку жешко за возење. Ова значи дека многумина ја избираат бојата и поради практичност.

Белата е најпопуларна боја во Австралија (39,1% од вкупниот број возила) и во ЕУ (26,8%). Австралијците сакаат и сребрени (15,9%) и сиви автомобили (14%). Европејците претпочитаат сива боја (25,9%), по што следат црните возила (24,5%). Сличен процент на црни возила има и во САД (24,7%). Сепак, сакаат и бели (20,9%) и сребрени (17,3%) автомобили.

„71% од автомобилите проверени на нашата платформа беа монохроматски – црни, бели, сиви или сребрени. Тоа само докажува дека луѓето се прилично конзервативни кога станува збор за купување возило“, вели Матас Бузелис, експерт за автомобили и шеф за комуникации во carVertical.

Иако белата боја во моментов е една од најпопуларните бои, во 2002 година речиси и да немало бели возила во Европа. Тие биле купувани само во САД и во делови од Азија. Уделот на црните автомобили помеѓу 2002 и 2020 година останал горе-долу ист.

Понекогаш трендовите за боја траат само неколку години. На пример, бројот на кафени автомобили се зголемил меѓу 2012 и 2014 година, но потоа почнал да опаѓа во наредните години.

Според истражувањето, бојата на возилото има влијание и врз веројатноста да се повредите во сообраќајна несреќа. 60% од црвените автомобили проверени на платформата учествувале во сообраќајни несреќи, што ја прави оваа боја најопасна за возење. Кафеавата (59%) и црната (57%) се исто така бои на автомобилите кои завршуваат во сообраќајни несреќи почесто од другите, а потоа следат жолтата (55%), сината (54%), белата (50%) и сивата (50%) ). Иако овие разлики не се значајни, истражувањата сугерираат дека возилата во одредени бои се помалку подложни на сообраќајни несреќи.

„Не е изненадување што црвените автомобили почесто се вклучени во сообраќајни несреќи. Спортските автомобили обично имаат црвена боја, а љубителите на брзината имаат тенденција да избираат црвени автомобили повеќе од конзервативните возачи. Тоа е доволно за да се погоди зошто црвените болиди се на врвот на оваа листа“, објаснува Бузелис.

Иако трендовите кога станува збор за автомобилски бои се менуваат, тешко дека сивата, белата или црната во скоро време ќе ја изгубат популарноста. Шарените и весели бои ќе продолжат да останат вистинска егзотика меѓу купувачите на нови автомобили.