Големата популарност на SUV моделите, причина за се поголемите емисии на CO2
Просечнaта емисија на јаглерод диоксид која ја испуштаат патничките автомобили во Европа во последните години постојано расте, наместо да се намалува како што се бара со најновите еколошки стандарди. Организациите за животна средина проблемот го лоцираат во SUV возилата
Главниот виновник за контра-ефектот е тенденцијата на купувачите во Европа се повеќе да купуваат SUV / crossover модели, известува организацијата за заштита на животната средина Transport & Environment (T&E). SUV возилата генерално се потешки и повисоки од патничките автомобили од средната класа, па затоа трошат повеќе гориво и емитуваат поголеми количини на јаглерод диоксид во атмосферата.
Резултатите на T&E покажуваат дека количеството на CO2 испуштено во атмосферата од страна на SUV возило во просек е за 16 g/km поголемо во однос на конвенционален патнички автомобил од иста класа.
Продажбата на нови SUV возила во 2009 година изнесувала само 7% од вкупниот број на ново регистрирани автомобили во Европа, за да во 2018 година таа бројка изнесува 36%, а T&E предвидува дека до 2021 година ќе се искачи и на скоро 40%.
Една од причините за зголемената популарност на SUV возилата е стареењето на населението во Европската унија, сметаат во Асоцијацијата на производители и увозници на моторни возила (RAI Association).
„Постарите купувачи повеќе се грижат за имиџот и удобноста отколку за одржливиот развој“, вели портпаролот на RAI Association. „Тие претпочитаат SUV возила кои со својот робусен изглед им даваат чувство на сигурност и во кои полесно се влегува заради повисоката позиција на патничката кабина“.
Зголемената популарност на SUV возилата има негативно влијание врз климатските промени, но, исто така, предизвикува проблеми и за самите производители на автомобили. Имено, од наредната година на патничките возила нема да им биде дозволено да испуштаат повеќе од 95 g/km CO2.
За споредба, просечната емисија на СО2 кај SUV возилата е во моментов околу 120 g/km. Доколку нивните автомобили ја надминат емисијата од 95 g / km, производителите ќе треба да платат казна од 0,95 евра за секој грам вишок, по возило.
За големите компании кои произведуваат милиони возила годишно, вкупната казна може да биде дури и милијарди евра, проценуваат од RAI Association. Затоа производителите на автомобили инвестираат се повеќе и повеќе пари во развојот на технологии што би ја намалиле потрошувачката на нивните автомобили, а со тоа и емисиите на СО2.
Едно од решенијата се секако автомобилите со хибриден или чисто електричен погон. Популарноста на електрифицираните возила на европскиот пазар расте, но овој вид на автомобили се далеку помалку барани од конвенционалните SUV автомобили.
Возењето на електричен погон сè уште не е толку привлечно за просечниот купувач на автомобили, истакнуваат од RAI Association.
„Ова делумно се должи на високите малопродажни цени на електричните автомобили. Производителите сè уште имаат загуби со нив, поради што се принудени да продолжат да развиваат и произведуваат бензински и дизел возила. Со продажбата на бензински и дизел возила го финансира развојот и производството на електрични автомобили“, објаснуваат тие.
Сепак, во RAI Association веруваат дека SUV возилата можат да бидат поекономични со инсталирање на хибриден погон, што сè повеќе и повеќе автомобилски компании и прават.
„Поради нивната големина, SUV моделите го олеснуваат поставувањето на погонските батерии неопходни за електричен или plug-in хибриден погон“.
Покрај тоа, клиентите треба дополнително да се охрабруваат за купување на електрични или хибридни возила преку субвенции или бенефиции што таквите корисници на автомобили би ги имале додека управуваат со такво возило, сметаат од RAI Association.