Првата трка во сезоната 2020 која ќе биде отворена за гледачи ќе биде ГН на Тоскана, која е закажана за 13 септември

Првично Formula 1 планираше сите трки во сезоната 2020 да ги одржи зад затворени врати поради пандемијата на коронавирус и со намален персонал во падокот. Сепак, претставниците на Formula 1 се надеваа дека трките ќе можат да ги отворат вратите за гледачите од рана есен, но ГН на Белгија се одржа без гледачи, а истото ќе биде случај и следниот викенд и трката за ГН на Италија, за која е потврдено дека ќе биде затворена за гледачи.

Муџело сега официјално потврди дека трибините ќе бидат отворени за гледачи за првата трка во Formula 1 на оваа патека во историјата, но дека капацитетот на трибините ќе биде намален, односно во продажба ќе бидат пуштени само 2880 билети.

„Во текот на трите дена од тркачкиот викенд, ќе може да присуствуваат 2.880 гледачи. Илјада гледачи ќе бидат на централната трибина, а илјада на трибината Матераси. 880 билети ќе им бидат понудени на членовите на клубовите Scuderia Ferrari на трибината 58, стои во соопштението од организаторот. „Деталниот план за работа изработен од патеката Муџело е одобрен од регионот на Тоскана, а планот ги содржи сите превентивни мерки против вирусот Covid-19 и максимална безбедност за сите присутни“.

Билетите во продажба ќе бидат пуштени од денес.

Трката за Големата награда на Тоскана ќе биде 1000-та трка во Formula 1 за тимот на Ferrari, а италијанскиот конструктор ќе биде и главниот спонзор на оваа трка.

Челниците на Formula 1 планираат на сличен начин да ја одржат и трката за ГН на Русија, закажана за крајот на септември, а организаторите на трката во Сочи се надеваат дека ќе можат да дозволат влез за 30.000 гледачи, што е половина од капацитетот на трибините покрај патеката.

За враќањето на Португалското ГП во календарот на Formula 1, кое ќе се одржи на патеката Algarve International во октомври, целта е да се дозволи влез на меѓу 50.000 и 60.000 гледачи. Крајот на сезоната во Абу Даби сигурно ќе се одвива без гледачи, но постои можност двете трки во Бахреин да бидат отворени за фановите на овој спорт.

Истиот викенд ќе се одржи и трката за ГН на Тоскана во MotoGP,Emiliga Romana на патеката Мисано, која ќе угости по 30.000 фанови секој ден од тркачкиот викенд.