Новина е што тестовите на случаен примерок ќе бидат спроведувани и во секоја од земјите-членки на ЕУ

Како вовед, уште еднаш: во 2015 година Volkswagen беше фатен како манипулира по прашање на емисијата на штетни гасови од дизел возилата. Во тестни услови, во возилата посебен софтвер овозможуваше приказ на помали емисии, а во реални услови, емисиите беа многу поголеми.

Европската унија од денес, 1 септември 2020 година формално не дозволува таков лов во матно со нова регулатива која влегува во сила, според која сите модели кои ќе се продаваат на пазарите во ЕУ ќе мора да поминат ригорозно тестирање за штетните емисии. За оваа регулатива одамна се знаеше, а голема новина е што тестовите на случаен примерок ќе бидат спроведувани и во секоја од земјите-членки на ЕУ.

Имено, ќе се тестира барем едно од 40.000 продадени возила на некој пазар. За земјите со мал број регистрации, ќе треба да се спроведат најмалку 5 тестови годишно. Од овие тестови, 20 проценти ќе треба да се однесуваат на емисиски тестови за емисија во реални патни услови. Европската комисија исто така има право да тестира кое било возило во кое било време… Казните за прилагодување на емисиите ќе бидат астрономски – до 30.000 евра по возило, што во случај на илјадници автомобили може да претставува огромна цена за производителите доколку се обидат нешто и притоа бидат фатени во измама.