ГН на Русија: Прва пол позиција во кариерата за Ландо Норис! / ВИДЕО
Луис Хамилтон направи голема грешка во самиот финиш од квалификациите и заврши на четвртата позиција
По откажаниот трет тренинг поради силниот дожд, временските услови за квалификациите се подобрија, бидејќи сонцето се проби помеѓу облаците. Температурата на патеката пред почетокот на првиот дел квалификациите беше 17, а на воздухот 14 степени.
Уште пред официјалниот почеток на Q1, возачите веќе чекаа на излезот од питлејнот, повеќето на средни гуми, а само Алонсо со гуми за дожд. Првиот измерен круг го имаше Гасли, кој патеката во Сочи ја мина за 1.51,519 секунди. По првата рунда на кругови, Французинот во Alpha Tauri го поправи времето на 1.49,218 секунди, а зад него беа Саинц, Норис и Леклерк, додека Џовинаци се сврте на патеката, но успеа да продолжи.
Верстапен во тие моменти сеуште немаше официјално време, бидејќи по загревачкиот круг веднаш замина во гаражата. Набргу потоа, Хамилтон постави најдобро време (1.46,937 секунди) пред Ботас и Строл, додека Верстапен излезе од болидот и ги заврши квалификациите кој и онака немаа значение за него бидејќи поради промена на погонската единица на неделната трка ќе стартува од опашката на гридот.
На половина од сесијата, Расел, Џовинаци, Алонсо, Шумахер и Верстапен беа во опасната зона, додека Мазепин беше првиот над цртата. На 4 минути до крајот на првата сесија, Перез изби на првото место – 1.46,455 секунди, но наскоро Ботас ја презеде лидерската позиција со време од 1.46,396 секунди. До крајот на сесијата, возачите успеаја да ги подобрат своите најдобри времиња, а Хамилтон повторно се искачи на првото место со време од 1.45,992 секунди додека Раиконен, Шумахер, Џовинаци, Мазепин и Верстапен не поминаа во Q2.
Вториот дел од квалификациите започна на ист начин како и првиот. Гасли прв излезе на патеката, а сите останати зад него. Французинот беше првиот што забележа време од 1.46,671секунди, но недоволно за Хамилтон кој имаше подобро време за скоро половина секунда. Дури и тоа не беше доволно за задржување на првата позиција, затоа што кратко потоа Ботас беше најбрз со време од 1.45,506 секунди. Во тие моменти, патеката почна да се суши, така што веќе можеше да се види сува идеална линија во некои делови. Алонсо, Расел, Цунода беа во опасната зона на средината од Q2, додека Љатифи и Лаклер се уште не беа излезени на патеката. До крајот на сесијата Хамилтон успеа да ја врати челната позиција, а по голема битка без пласман во Q1 останаа Фетел, Гасли и Цунода заедно со Љатифи и Леклерк кои воопшто и не излегоа на патеката.
Возачите на Mercedes беа првите што стартуваа во последниот дел од квалификациите, по што следеа сите други користејќи средни гуми. Во раната фаза, Хамилтон имаше најдобро време од 1.44,050 секунди или за 6 десетинки подобро од Норис, кој беше пред Ботас. Џорџ Расел беше првиот што побара од тимот да му стават гуми за сува патека иако на некои делови сеуште патеката беше мокра. По него на средно меки гуми преминаа и Саинц, Норис, Строл… Хамилтон направи грешка при влезот во боксовите закачувајќи го ѕидот, доволно да го оштети предното крило, поради што мораше да биде заменето. Во исто време во бокс влегува и Ботас, Хамилтон го тргаат на страна за да ги заменат гумите на Ботас, а дури потоа предното крило на Британецот. Во самиот финиш, возачите се мачеа да ги загреат меките гуми, но тоа не му пречеше на Норис, кој успеа да направи круг со време од 1.41,993 секунди и со тоа да стигне до пол -позицијата пред Саинц и одличниот Расел.
Хамилтон кој изгуби доста време при замената на крилото, немаше доволно време да ги загрее гумите и поради тоа заврши само како четврти пред Рикиардо, Алонсо, Ботас, Строл, Перез и Окон. Хамилтон во самиот финиш од сесијата дури и се заврте на патеката и заврши во заштитниот ѕид.
Утрешната главна трка за ГН на Русија во Сочи започнува во 14.00 часот по македонско време.