Formula 1 со организаторите на Гран при трката во Австралија, која веќе некое време се одржува во Мелбурн, ја продолжи соработката за уште две години, што значи дека трки во оваа земја ќе гледаме барем до 2025 година

Како потсетување, Formula 1 својот почеток во Австралија го имаше во Аделаида во 1985 година, за 10 години потоа да се префрли во Мелбурн. Оттогаш, освен во 2006 и 2010 година, кога честа да го отвори шампионатот го имаше Бахреин, секоја година шампионато започнува со трката за ГН на Австралија во Алберт Парк.

Следната година трката за ГН на Австралија ќе го има своето 25-то јубилејно издание на оваа патека.

„Одлуката за продолжување на соработката всушност беше многу едноставна бидејќи видовме колку луѓе во Австралија ја сакаат Formula 1, но и колку луѓе низ целиот свет сакаат да ги гледаат Formula 1 болидите на патеката во Мелбурн“, вели Чејс Кери. „Во соработка со нашиот партнер, ќе се обидеме да ја доведеме трката во Австралија на едно ново повисоко ниво, за на сите кои ја гледаат да им биде уште поинтересно“, дополнува Кери.

Еден од организаторите на ГН на Австралија, Мартин Пакула, министер за туризам и спорт во сојузната држава Викторија, вели дека продолжувањето на соработката е поздравено со многу позитивни мислења низ градот и државата.

„Покрај директните придобивки за Мелбурн и целиот регион од трката во Formula 1, со овој потег внесуваме дополнителна доза на сигурност кај нашите партнери без кои оваа трка не би била можна. Се надеваме дека од година во година ќе го подобриме квалитетот на организацијата на трката и дека ќе ја оправдаме довербата што ја добивме“, вели Пакула.

Loading...