Една од најголемите пречки кога станува збор за масовна употреба на електричните автомобили е нивната превисока цена во споредба со слични модели со бензински или дизел мотори. Германската стартап компанија e.Go Mobile се чини дека е блиску до решение за овој проблем, а нејзиниот одговор е моделот Life

Овој електричен автомобил е дизајниран главно за возење во урбани услови или на пократки меѓуградски растојанија, бидејќи неговата автономија се движи од 121 до 184 км, во зависност од големината на вградената батерија.

Од батеријата зависи од цената на овој модел, која се движи од 15.900 евра, цена за најевтиниот модел со капацитет на батеријата од 14.9 kWh, над 17.400 евра за верзијата со капацитет 17.9 kWh, до 19.900 евра за верзијата со најмоќна батерија од 23,9 kWh.

Основниот модел со целосно наполнета батерија без запирање може да помине 121 километри, мерено според стандардот NEDC, верзијата со батерија од 17.9 kWh има автономија до 142 километри, додека верзијата со најголема батеријата во теорија е способна за пат од 184 километри.

Компанијата e.Go Mobile изнесува и пореална проценка за возење во градски услови, каде што резултатите се малку поскромни во зависност од големината на батеријата – од 104, 124 до 158 километри соодветно.

Моделот со најмала батерија, Life 20, има погонска единица со моќност од 27 КС (20 kW), средната варијанта, Life 40, 54 КС (40 kW), а моделот со најмоќна батерија, Life 60, обезбедува 82 КС (60 kW).

Според фабричките податоци, времето потребно за полнење на батеријата од 14,9 kWh во домашни услови преку стандарден приклучок од 230 V изнесува 5,4 часа, за батеријата од 17,9 kWh – 7,3 часа, а за батеријата од 23,9 kWh – 9,8 часа.

Максималната брзина, во зависност од моќноста на електричниот мотор, се движи од 116 km/h кај најслабиот модел, над 130 km/h за средниот, до 152 km/h за најмоќната верзија.

Забрзувањето од 0-50 km/h е 7,7 секунди, 4,7 секунди и 3,4 секунди соодветно.

Стартап компанијата e.Go Mobile е основана од страна на професор Гинтер Шух, човек кој стои зад најпродаваниот електричен ван во Европа – моделот Street Scooter, кој уште е во рана фаза на проектот е продаден на Германската пошта.

Токму оваа трансакција на Гинтер Шух му овозможила да започне со новиот проект – e.Go Mobile, со помош на компанијата ZF Friedrichshafen.

Бидејќи Life првенствено е наменет за возење во урбани услови, моделот има скромни димензии (3.348/1.700/1.567 mm, меѓуоскино растојание 2.200 mm), така што може да превезува до 4 возрасни лица.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1ZgOFCfWTLw1nTk5CAldC94K2_s5xRw9Q” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Според eGo Mobile, тие веќе добиле 3.200 пред-нарачки за моделот Life, а Bloomberg пишува дека производството на овој автомобил ќе започне во март 2019 година во една фабрика во Ахен.

Првите испораки на возилата до купувачите се закажани за во април. Ако сè оди според планот, e.Go Mobile има намера да го зголеми годишното производство на 100.000 возила до 2022 година.