Германската влада ја разгледува можноста за основање на фонд кој ќе се користи за финансирање на развој на напредни системи за прочистување на издувни гасови од дизел возила, пишува угледниот магазин Spiegel

Средствата за функционирање на фондот би биле обезбедени од државниот буџет, но и производителите на автомобили би биле обврзани да уплатат пет милиони евра. магазинот Der Spiegel наведува дека сеопфатниот план за модификација на издувните системи треба да опфати голем дел од вкупната национална флота на дизел возила, која брои околу 15 милиони возила. Од оваа бројка, само 2.7 милиони возила располагаат со најсовремена технологија, Euro 6, за прочистување на издувните гасови.

Магазинот наведува дека големите градови, каде што квалитетот на воздухот е особено лош, како што се Минхен и Штутгарт, би требало да обезбедат на нивните улици да може да се движат дизел автомобили, кои поседуваат технологија на селективен каталитички редуктор (SCR).

Канцеларка Ангела Меркел и некои нејзини министри планираат да започнат дискусија за тоа како да се избегне забраната во големите градови во Германија, откако Федералниот суд во својата пресуда од пред неколку недели, на локалните самоуправи им овозможи сами да донесат одлука за евентуална забрана на дизел возилата.

Министерот за транспорт на Германија, Андреас Шејер, вели дека една од задачите на неговиот кабинет е да „вложат многу енергија за квалитетот на воздухот во германските градови да биде подобар“. Министерот одбил да ги коментира наводите на магазинот Der Spiegel.

Портпаролот на германското тело за лобирање во автомобилската индустрија, VDA, кое ги претставува главните производители Volkswagen, Daimler и BMW, вели дека не бил запознаен со предлогот на Владата.