Според податоците на Асоцијацијата на европски автомобилски производители (European Automobile Manufacturers Association) германскиот пазар на електрифицирани возила (без хибриди и „благи хибриди“) го надмина Норвешкиот, за прв пат во историјата

Продажбата на електрифицирани возила во Германија во првиот квартал од тековната година се зголемила за 70% или вкупно продадени 17.574 единици. Оваа бројка се однесува на целосно електрични возила и оние што користат plug-in хибридна технологија.

Ова секако може да се толкува како знак на прифаќање на оваа технологија од страна на клиентите, паралелно со усвојувањето на истата преку плановите за производство на големите германски производители од групацијата Volkswagen, Daimler и BMW.

Сите тие ги прилагодуваат своите производствени објекти да бидат подготвени за влегување во сила на новите ограничувања во однос на штетните гасови кои ги предизвикуваат возилата од комплетната производствена флота. Важноста на прифаќањето на електрифицирани возила од страна на клиентите е уште поизразена, доколку се има во предвид падот на пазарниот удел на дизел возилата.

Што се однесува до Европа, продажбата на електрифицирани возила во првиот квартал се зголемила за 41%, додека продажбата на дизел возила во ЕУ е намалена за 17% во текот на истиот период. Норвешка, која долго време беше број еден во овој поглед, е трет најважен пазар за брендот Тесла, веднаш по САД и Кина.

Ако во земји како Норвешка и Холандија главен играч е Tesla, во Германија компанијата на Илон Маск е дури на 31. место според пазарниот удел.

„Златната ера за Tesla се ближи кон крајот и наскоро од уникатна понуда ќе се претвори во само еден производ помеѓу многу други слични“, коментира за Bloomberg Јирген Паипер, аналитичар во Bankhaus Metzler. „

Помеѓу чисто електричните модели во Германија најпродавани се Renault Zoe, VW e-Golf и Smart FourTwo.