Според најновите продажни резултати, Германија ја надмина Норвешка во продажба на целосно електрични автомобили на годишно ниво

Така, најголемиот автомобилски пазар во Европа за прв пат стана лидер во овој сегмент. Во Германија до ноември се регистрирани 57.533 нови електрични автомобили наспроти 56.893 во Норвешка.

Норвешка продаваше најмногу електрични автомобили во Европа секоја година од 2010 година, кога Nissan Leaf, првиот сериски електричен автомобил ја имаше својата премиера.

Овие бројки се само уште еден доказ дека EV технологијата зема се поголем замав во центарот на европската автомобилска индустрија, каде германските Volkswagen Group, BMW и Daimler се подготвуваат за голема офанзива во овој сегмент.

Иако Норвешка се појави како регионално „жариште“ благодарение на дарежливите субвенции на владата, земја со големина од околу 6,4 проценти од германското население има премалку простор за понатамошен раст, а властите во многу земји на ЕУ ги зголемуваат своите стимулации за купување на електрифицирани возила.

Офанзивата на германските производители со електрични модели е се помасовна. Германските производители на автомобили ќе ја удвојат својата понуда за EV автомобили на 150 модели до 2023 година и ќе инвестираат 50 милијарди евра до 2024 година.

Сепак, иако продажните бројки се одлични, електричните возила сè уште се мал дел од севкупната продажба на EV на ниво на Европа. На Стариот континент, продажбата на електрични автомобили во третиот квартал учествувала со само 3,1 отсто од новите регистрации, според Европската асоцијација на производители на автомобили.

Побарувачката за електрични модели ќе биде дополнително тестирана следната година кога германските производители на автомобили ќе започнат да ги лансираат конкурентните модели на моментално најповолната понуда на пазарот, Model 3 на Tesla.

Наскоро во продажба влегува VW ID.3 и тоа по цена од нешто помалку од 30,000 евра, во споредба со класичниот VW Golf кој почнува од околу 20,000 €, додека Model 3 е околу 44.000 €.

Германската влада исто така ги зголеми стимулациите со пари за купување на електрифицирани автомобили, како дел од големиот пакет за животна средина.

Придобивките се даваат за електрифицирани автомобили кои чинат помалку од 40.000 €, што би требало да ја зголеми побарувачката за ценовно попристапни модели.

Важноста на владините стимулации за пазарот ја покажува и случајот со најнаселената земја во светот, Кина, каде продажбата е во пад веќе четири месеци откако владата ги намали субвенциите.

На Кина отпаѓа околу половина од светската продажба на електрифицирани автомобили, САД се на второ место, а Норвешка се уште на трето место. На врвот сега е Германија.