Корејскиот кросовер ќе се обиде да се етаблира во еден од важните сегменти на пазарот во Европа

Корејскиот производител Genesis, кој е дел од концернот Hyundai Motor, продолжува да го проширува својот асортиман. Компанијата го покажа својот нов SUV модел – GV70, кој е петти модел на марката по седаните G70, G80 и G90 и поголемиот теренец – GV80.

Кросоверот е еден од клучните автомобили на Корејците за европскиот пазар, каде што ќе треба да им се спротивстави на Audi Q5, BMW X3 и Mercedes-Benz GLC во просперитетниот сегмент на луксузни SUV модели. Неговата продажба на Стариот континент ќе започне на почетокот од следната година.

Како и другите модели на луксузната марка, чие лансирање започна во 2015 година во САД и Јужна Кореја, новиот GV70 е исто така изграден на платформа со погон на задните тркала, а како опција ќе се нуди и погон на четири тркала. Недостасуваат технички детали, па засега производителот нуди само фотографии од моделот.

А од нив е јасно дека надворешниот дизајн на GV70 го следи GV80, додека внатрешноста е во стилот на седанот G70. Кросоверот ќе биде достапен во две верзии – стандардна и спортскa.

Во салонот доминира 14,5 инчниот екран од мултимедијалниот систем комбиниран со 12,3 инчен дисплеј од инструмент таблата (како и кај GV80).

Луксузниот теренец се очекува да биде достапен со моторната гама на неодамна ажурираниот седан G70. Тоа значи 2.0-литарски бензински турбо-мотор со 252 КС и 2.2-литарски дизел со 201 КС. За верзијата Sport ќе биде достапен и 3,5-литарски бензинец V6 со 375 КС.