Француските власти инсистираат на тоа дека Вашингтон треба да очекува заедничко враќање на ударот од Европа по повод воведувањето на царинските давачки, по што Германија испрати сигнали дека е подготвена да преговара

На моќната германска автомобилска индустрија Доналд Трамп и се закани со воведување на дополнителен данок на увоз на возила, додека Ангела Меркел во четвртокот минатата недела изјави дека ќе го поддржи намалувањето на царинските давачки за увоз на американски автомобили во ЕУ.

„Ако утре дојде до зголемување на тарифите, на пример во автомобилската индустрија, нашата реакција треба да бидат заедничка и силна. Ние треба да се покаже дека Европа е обединета и суверена сила“, изјави францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер. „Прашањето веќе не е дали ќе има или не трговска војна, војната веќе започна“.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, и нанесе удар на Европската унија, Канада и Мексико со тарифи од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиум, што доведе до крај на ослободувањето од давачки, кои биле во сила од март. За дополнителна ескалација на тензиите е заканата за воведување на царински давачки од 20 отсто на сите возила кои се склопени во ЕУ, што според Трамп, би требало да го подобри сегашниот бизнис модел за продажба на автомобили во САД.

„Треба да се знае дека ако сме нападнати, ќе реагираме заедно и цврсто“, вели Ле Мер. Во моментов, царинските давачки за увоз на автомобили од ЕУ во САД изнесуваат 2,5 проценти за патнички автомобили и 25 проценти за камиони. Европската Унија наплатува 10 отсто давачки за увоз на американски возила.

Според правилата на Светската трговска организација, Европската унија не може да ги намали царинските давачки исклучиво за возилата „Произведено во САД“. Ако го стори тоа, тоа мора да го стори и за сите други членки на СТО.

Во секој случај, француските производители нема да бидат особено погодени од какви било американски мерки, бидејќи тие и не се толку присутни на американскиот пазар. Меѓутоа, ако европските царини се намалат, острата конкуренција од Азија, е она што е многу загрижувачко за француските власти.