Младиот Холанѓанец ја контролираше трката од почеток до крај и со тоа повторно ја зголеми предноста во шампионатот на возачи

Иако имаше предвидување за дожд за сите три дена од тркачкиот викенд, до тоа не дојде, а возачите на стартот од трката беа пречекани од сончево и топло време.

По казната од три места на стартот за Валтери Ботас од Mercedes, од првите три места на трката за ГН на Штајерска на Red Bull Ring, стартуваа Макс Верстапен од Red Bull, Луис Хамилтон од Mercedes и возачот кој се повеќе воодушевува – одличниот Ландо Норис од McLaren.

Стартот на трката помина добро за водечките и без никаква промена на позицијата, иако Перез се обиде уште на стартот да го мине Норис.

Зад петтопласираниот Ботас, дојде до контакт помеѓу Гасли и Леклерк по кој и двајцата на крајот од првиот круг мораа во посета на механичарите – Леклерк за промена на оштетеното предно крило, Гасли со оштетено задно лево тркало. За жал, поради големо оштетување, францускиот возач неможеше да ја продолжи трката, додека Леклерк падна на последното место во поредокот. Така, шестото место го наследи Ленс Строл, пред Фернандо Алонсо, Џорџ Расел, Даниел Рикиардо и Јуки Цунода.

Во седмиот круг Рикиардо одеднаш започна да губи темпо поради губење на моќ и испадна од првите десет.

На чело од колоната, Верстапен веќе создаде предност од две и пол секунди, додека Норис по девет круга веќе заостануваше седум секунди зад Хамилтон.

Перез цело време возеше зад  Норис, но никако не наоѓаше начин и да го помине. Тоа конечно му успеа во 10-от круг со помош на DRS системот по што ја презеде третата позиција. Возачот на McLaren наскоро беше мета и на Валтрери Ботас, кој лесно му го одзеде четвртото место.

Зад нив, од седмопласираниот Алонсо се создаде „DRS“ воз, во кој беа Расел, Цунода, Саинц, Фетел, Раиконен и Рикиардо. Тука меѓутоа никој не можеше да стори ништо, за потоа трката да влезе во помирна фаза.

Верстапен продолжи да ја гради својата предност пред Хамилтон, Ботас се израмни со Перез, а Расел беше првиот меѓу првите десет кој менуваше гуми. За жал на возачот на Williams, механичарите ја уништија неговата трка со страшно бавен пит-стоп, за веднаш зад него, во боксот да влезе и Перез кому кому исто така механичарите не му беа наклонети со брза реакција.

Во 28-от круг, гуми менуваат Цунода и Ботас, а Финецот, благодарение на побавниот пит-стоп на Перез, на патеката се врати пред Мексиканецот.

Прв во боксот за промена на гуми од водечката двојка замина Хамилтон (29. круг), за веднаш во наредниот круг тоа да го направи и Верстапен. И двајцата се одлучија за најцврстата компонента на гуми, а Холанѓанецот и по враќањето на патеката ја зачува предност од четири и пол секунди пред својот најголем ривал.

Потоа, промена на гумите направија и Алонсо и Фетел кои се вратија пред Расел, додека Норис истото го стори во 33 круг и се врати зад Саинц, кој сеуште не беше влезен во бокс. Во 37-от и 38-от круг, гуми менуваа и Раиконен и Леклерк, а Расел се повлече од трката, откако претходно по втор пат ги посети механичарите заради надополнување на неговиот хидрауличен систем.

Петтиот во поредокот Саинц на замена на гумите се одлучи во 42-от круг и се врати на седмото место, со две секунди заостанување зад Строл. Последен кој ги смени гумите беше Рикиардо, кој падна на петнаесеттото место зад невидливиот Окон.

Во 45-от круг, Саинц лесно го стигна и мина Строл за шестото место, додека Норис беше дванаесет секунди напред.

Надвор од првите десет, Леклер полека напредуваше до првата десетка со поминување на Џовинаци и Фетел, и имаше можност да се врати на позицијата од која стартуваше во трката.

Напред, Верстапен ја зголеми предноста пред Хамилтон на седум секунди, додека Перез полека се приближуваше до Ботас, кој се пожали на гумите. Сепак, Перез беше тој што повторно менуваше во 55-от круг, по што тргна во потера по најбрз круг, кој во тоа време му припаѓаше на Хамилтон.

Леклерк ги обиколи Цунода и Алонсо во 55-от и 56-от круг и се најде на осмото место, а веќе во 60-от круг се врати на стартната позиција и со тоа го неутрализираше вишокот на застанувања во бокс.

Десетина круга пред крајот, густи црни облаци се надвија над патеката, но дожд не падна.

Хамилтон во претпоследниот круг влезе со променети гуми (мека компонента), така што Верстапен на крајот оствари убедлива победа, но Хамилтон го доби она што го сакаше со дополнителното менување на гуми – еден бод плус за најбрз круг во трката.

Ботас некако успеа да го задржи налетот на Перез и го задржа третото место за Mercedes.

Норис беше најдобар од остатокот на гридот, пред двоецот на Ferrari на шестото (Саинз) и седмото место (Леклерк), Строл од Aston Martin на осмото место и Алонсо и Цунода кои ја комплетираа првата десетка и освојувачи на бодови.

Следната трка се вози веќе следниот викенд (02-04.07), на истата патека, овој пат за ГН на Австрија, по што следи двонеделна пауза пред Силверстон и трката за ГН на Велика Британија (16-18.07).

2021 Styrian Grand Prix / РЕЗУЛТАТИ

2021 Styrian Grand Prix / RACE HIGHLIGHTS

 

2021 Styrian Grand Prix / ИЗЈАВИ ПО ТРКАТА

Макс Верстапен: „Возевме своја трка“

„Никогаш не можете да предвидите како ќе се одвива трката, но веднаш можев да почувствувам дека балансот на болидот е добар. Уште од самиот почеток можев да внимавам на гумите, а потоа и крајот на трката го дочекав со гуми кои беа во пристојна состојба. Моравме да реагираме на пит-стопот на Луис и возевме свои кругови. Резултатот е многу позитивен, но ова мора да го повториме следната недела. Ќе видиме што можеме да поправиме, но едвај чекам да се тркам тука повторно за една недела“, изјави Верстапен по крајот на трката.

Луис Хамилтон: „Мора да промениме нешто“

„Бев осамен за време на трката. Се обидов да држам темпо со Макс, но тие очигледно направиле некои промени за време на претходните неколку трки и беше невозможно да се одржи толку силно темпо. Не знам каде губиме време, но нивното тркачко темпо е подобро и се чини дека тие добиваат многу на правците. Сепак, освоивме многу поени и мора да продолжиме да правиме притисок. Јас не се оптеретувам премногу со нивната сегашна форма. Јасно е дека тие се побрзи, а на мене останува да го правам најдоброто што можам. Треба да извлечеме повеќе перформанси, а за тоа ни се потребни унапредувања. Не знам дали е во прашање задното крило или моторот, но мора да најдеме повеќе темпо некаде правците“, изјави Хамилтон.