Британскиот возач Луис Хамилтон го сруши рекордот за најбрз круг на квалификациите за Гран-при на Австралија и со тоа стигна до седмата најдобра стартна позиција во неговата кариера на трката во Мелбурн.

Хамилтон до првата пол-позиција во новата сезона стигна со феноменален последен круг во третата одлучувачка сесија, постигнувајќи време од 1:21,1264 што е нов рекорд на патеката.
До тој круг, разликата помеѓу водечките беше доста мала, но во тој круг Хамилтон направи голема предност и едноставно ја „оддува“ конкуренцијата. Ова е 72-ра пол-позиција за британскиот возач во кариерата, која го зацврсти на првото место во историјата на Formula 1 пред легендарните Михаел Шумахер и Аритон Сена со 68 односно 65 најдобри стартни позиции.


На второто место заврши возачот на Ferrari, Финецот Кими Раиконен со време од 1:21,828, а на третото место неговиот тимски колега Себастијан Фетел.

Четврто и петто место го зазедоа возачите на Red Bull, Макс Верстапен и Даниел Рикардо.
Тимот на Haas повторно изненади, а неговите возачи Кевин Магнусен и Ромен Грожан го освоија шестото односно седмото место. Осми во квалификациите заврши Нико Хулкенберг од Renault, пред неговиот колега Карлос Саинц.

Валтери Ботас направи голема пилотска грешка и се удри во безбедносната бариера покрај патеката – прејде преку тревникот и удри во безбедносниот ѕид уште во воведниот круг од третата квалификациска сесија, што значеше и крај за него. Финскиот возач се чувствува добро, но болидот е прилично оштетен. Ботас трката ќе ја започне од десеттата позиција.

Трката е во недела со почеток во 7 часот и 10 минути по наше време.