Светската автомобилска федерација одлучи да ги промени правилата во врска со периодот на безбедносно возило на трките во Formula 1

„Циркусот“ кој се случи на последната трка од минатата сезона, ГН на Абу Даби, не треба и не смее да се повтори. За таа цел, FIA гласаше за промена на членот од Правилото 55.13.

Веројатно никој не треба да се потсетува, контроверзна ситуација се случи на трката во Абу Даби кога директорот на трката Мајкл Маси стана многу несигурен што да прави во периодот на безбедносното возило. Луис Хамилтон водеше, со пет возачи зад него во кругот, а потоа и лутиот ривал Макс Верстапен.

Раководството на трката сакаше сезоната да заврши со тркање, а не возејќи зад возилото за безбедност, но Маси се двоумеше дали да ги пушти заостанатите возачи да се вратат во истиот круг или не. Тој во исто време беше и под притисок на шефовите на тимовите, Тото Волф и Кристијан Хорнер, кои во стилот на ѓаволот и ангелот „шепнуваа“ секој во една слушалка и се залагаа за одлука што ќе им одеше во корист. Тогаш директорот реши да ги пушти само петте болиди меѓу кандидатите за шампионската титула, останатите не. Верстапен така дојде зад Хамилтон, па кога трката продолжи лесно го заобиколи со нови гуми, а според многумина, Маси со својот потег го скрои исходот од минатиот шампионат.

Не може да се каже дека Маси не ги почитувал правилата бидејќи навистина имал слобода директорот на трката сам да процени кого ќе пушти, а кого не. Во правилото пишува дека „секој заостанат болид“ (any lapped car) може да се пушти, па може да се толкува како кому му одговара.

Ова веќе нема да биде така, бидејќи измената на споменатиот член од правилото гласи:

„Доколку шефот на патеката смета дека е безбедно да го стори тоа, пораката „заостанати болиди сега можат да претекнат“ се испраќа до сите натпреварувачи преку официјалниот систем за известување и тогаш од сите болиди кои лидерот ги поминал за еден круг ќе се бара да ги пројдат болидите во кругот на водечкиот и возилото за безбедност“.

Новото правило нема да го спроведува Мајкл Маси бидејќи веќе е одлучено тој повеќе да не биде директор на трките во Formula 1. На оваа позиција ќе се менуваат Нилс Витич и Едуардо Фреитас. А Херби Блаш ќе им биде советник.