Red Bull преку онлајн презентацијата го покажа својот нов RB18 болид за претстојната сезона, зад чиј управувач и годинава ќе седат Макс Верстапен и Серхио Перез.

На сцената имавме можност да ги видиме тимскиот шеф Кристијан Хорнер и маркетинг менаџерот на Oracle, кој стана главен спонзор на тимот на Red Bull во пресрет на оваа сезона.

Хорнер во таа прилика се заблагодари за соработката и истакна дека минатата сезона со напорна работа дошле до титулата, а годинава мора да ја одбранат.

„Oracle беше дел од нашето семејство и минатата година, и со оваа соработка ќе бидат задоволни и двете страни. Со напорна работа, минатата година дојдовме до победа во шампионатот за возачи со Макс и број 1 на болидот, а оваа година на нас е тоа да го одбраниме.

Новата сезона и новите правила носат нови предизвици и мислам дека многу добро ќе се прилагодиме на тоа. Имаме силна возачка двојка со Макс и Серхио и се надевам дека на крајот на оваа година ќе славиме како пред неколку месеци во Абу Даби“.

Макс Верстапен на презентацијата изјави дека е среќен што наскоро ќе биде во својот нов болид, кој ќе биде со број 1 во чест на освојувањето на титулата минатата сезона.

„Со нетрпение очекувам да се вратам во болидот за да видам како сето тоа функционира оваа сезона кога ќе имаме промена на правилата. Чувството е многу слично на минатата година, па би рекол дека титулата досега не ме промени.

Немам поголем притисок од претходно, но многу е важно што побрзо да се прилагодам на новиот болид и неговото однесување. Новите патеки ќе бидат посебен предизвик за сите нас, така што искрено се радувам да одам на нив“, изјави Макс.

Серхио Перез минатата сезона успеа да му помогне на својот тимски колега да ја освои титулата, а оваа сезона се надева дека ќе може да биде уште побрз и подобар.

„Минатата сезона имавме сезона од соништата која заврши со спектакуларен крај на трката во Абу Даби, по што сите добро се одморивме и дојдовме подготвени да ја започнеме новата сезона.

Беше убаво да се види минатата сезона како можам да бидам на врвот на секоја трка и се надевам дека ќе бидам уште поуспешен оваа сезона и ние како тим ќе одработиме уште подобра сезона“.