
Formula 1: Познати сите датуми за претставување на новите болиди
Веќе денес ќе се запознаеме со новиот болид на Red Bull
Williams беше последната непозната кога станува збор за датумите на лансирање на новите болиди, но сега го имаме и последното парче од сложувалката. Тимот од Гроув својот адут за новата сезона ќе го претстави во вторник на 15-ти февруари.
Haas веќе ги „објави“ првите фотографии од својот болид за новата сезона и на тој начин го „скрши мразот“. Со новиот болид на Red Bull ќе се запознаеме веќе денес, а потоа следуваат Aston Martin, McLaren, AlphaTauri, Williams, Ferrari, Mercedes, Alpine и на крајот Alfa Romeo. Тимот од Гроув последен го откри датумот на лансирање на новиот FW44.
Минатата сезона донесе нова надеж за тимот на Williams, кој три сезони по ред од 2018 до 2020 година завршуваше на последното место во конструкторскиот поредок. Џорџ Расел и Николас Латифи лани успеаја да освојат 23 поени и да го сместат Williams на осмото место, пред Alfa Romoe и Haas. Младиот Британец често воодушевуваше со своите квалификациски возења, а за сметка на едно од нив го освои и второто место на Големата награда на Белгија, иако трката всушност и не се возеше поради лошите временски услови. Сепак, на Расел и Williams им остана запишан пласман на подиумот бидејќи бодовите беа поделени, макар половично.
Возачите на Williams имаа одлични перформанси и во Унгарија, каде Канаѓанецот беше седми, а Британецот осми. Расел бодови освои и во Монца и во Сочи. Подоцна се испостави дека тоа беше трета и последна (барем засега) сезона на Џорџ Расел во Williams, бидејќи од оваа сезона ќе ги брани боите на Mercedes. Нов тимски колега на Латифи е Александар Албон.
Тимот со седиште во Гроув на тој начин го продолжува процесот на реорганизација откако Dorilton Capital го откупи од семејството Williams. На чело на тимот во новата сезона ќе биде Јост Капито, а болидот FW44 е првиот тркачки автомобил на Williams дизајниран под водство на техничкиот директор Франсоа-Ксавиер Демајсон. Во исто време, тоа ќе биде првиот автомобил од работилницата на Williams што ќе биде претставен по смртта на основачот на тимот Сер Френк Вилијамс.
Оваа недела имаме три презентации – Red Bull, Aston Martin и McLaren. AlphaTauri својот болид ќе го претстави на Денот на вљубените, а потоа следуваат Williams, Ferrari, Mercedes и Alpine, додека Alfa Romeo официјалното претставување ќе го има дури по првите предсезонски тестови во Барселона (23-25 февруари).