Formula 1: Одложени трките во Холандија, Шпанија и Монако!
Како што се очекуваше, FIA и Formula 1 во координација со организаторите решија да ги одложат планираните трки во Холандија, Шпанија и Монако
Големата награда на Холандија која требаше да се врати во календарот за прв пат по 1985 година, требаше да се одржи во Зандворт од 1 до 3 мај. Една недела подоцна според календарот на ред беше Шпанското ГП, а ГН на Монако требаше да се одржи во терминот од 21 до 24 мај.
Со оглед на глобалната состојба со пандемијата на вирусот COVID-19, особено со ситуацијата во Европа, сите три трки засега се ставени во мирување. Во соопштението се наведува:
„Formula 1, FIA и промоторите на овие трки, одлуката истите да се стават во мирување, ја донесоа за да се обезбеди здравјето и безбедноста на персоналот, учесниците во шампионатот и фановите, што останува наша примарна грижа“.
Сите страни велат дека ќе разгледаат можностите за алтернативни датуми за трките подоцна во текот на годината, додавајќи дека Formula 1 и FIA очекуваат дека ќе можат да ја започнат сезоната кон крајот на мај, а сето тоа зависи од понатамошниот развој на настаните.