По пауза од седум години, на Нирнбургринг повторно ќе може да се гледа трка од Formula 1 шампионатот, а организаторот најави дека ќе дозволи присуство на 20.000 фанови. 

Трката во Германија е закажана за 11 октомври, а продажбата на билетите ќе започне во вторник, 22 септември, исклучиво преку интернет. Билет за целиот тркачки викенд ќе чини од 199 евра па нагоре.

На почетокот од сезоната присуството на фанови беше забрането поради пандемијата на коронавирус. Полека организаторите попуштија и дозволија помали групи на гледачи во живо да ги следат трките во најбрзиот караван. Сè започна кога неколку стотици здравствени работници ја следеа трката во Монца. Во Муџело имаше околу 2.000 навивачи, а уште поголема публика се очекува следниот викенд на трката за ГН на Русија во Сочи.

Трката на Нирнбургринг, таканаречената ГН на Ајфел, ќе биде 11-та трка во шампионатот, на модерна, скратена патека, по која за прв пат се возело во далечната 1984 година.

Голем број на F1 фанови се очекуваат и на трката за ГН на Португалија на патеката Алгарве во Портимао. ГН на Португалија во календарот се враќа прв пат по 1996 година. Веќе се продадени над 30.000 влезници, а со оглед на тоа дека сеуште се во продажба, на трибините се очекуваат 45.000 фанови.