Официјално Хамилтон и во наредните две сезони во Mercedes

Тимот на Mercedes-AMG Petronas F1 официјално објави дека е воодушевен од двегодишното продолжување на соработката со актуелниот седумкратен светски шампион Луис Хамилтон, продолжувајќи го партнерството кое стана најуспешниот пар – тим и возач – во историјата на Formula 1. Хамилтон ќе вози за Mercedes и во сезоните 2022 и 2023 година, кои ќе бидата негови 10-та и 11-та сезона со тимот од Брекли.

 Бидејќи Formula 1 влегува во нова ера во 2022 година со големи промени во техничката регулатива, Mercedes и Луис ќе создадат нов терен во соработката која ја опфаќа целата негова кариера во Formula 1, прво во Mercedes-Benz со McLaren-Mercedes, а потоа и со работата во Mercedes-AMG Petronas F1 Team, кому му се придружи во 2013 година. Откако се приклучи на тимот на Mercedes, Луис досега има освоено шест Светски шампионски титули во конкуренција на возачи, 77 победи во трки и 74 пол позиции, се вели во соопштениот од Mercedes-AMG Petronas F1 Team

 „Тешко е да се поверува дека поминаа скоро девет години работа со овој неверојатен тим и јас сум возбуден што ќе го продолжиме нашето партнерство уште две години. Завршивме толку многу заедно, но имаме уште многу да постигнеме, и на патеката и надвор од неа. Неверојатно сум горд и благодарен за тоа како ме поддржа Mercedes во мојата намера да ја подобрам различноста и еднаквоста во нашиот спорт. Тие се сметаа за одговорни и направија важни чекори во создавањето на поразновиден тим и инклузивна средина. Благодарам на сите посветени и талентирани лица во Mercedes чија напорна работа го прави тоа возможно и на Одборот за постојаната доверба во мене. Влегуваме во нова ера за болидите која ќе биде предизвикувачка и возбудлива и едвај чекам да видиме што друго можеме да постигнеме заедно“, вели Луис Хамилтон.

 

 „Влегувајќи во новата ера на Formula 1 од 2022 година, нема подобар возач од Луис кој би можел да биде во нашиот тим. Неговите достигнувања во овој спорт зборуваат сами за себе, и со неговото искуство, брзина и тркачки занает, тој е на врвот на неговата моќ. Уживаме во овогодишната битка на патеките и затоа сакавме порано да го договориме овој договор, за да нема одвлекување на вниманието од конкуренцијата на патеките. Отсекогаш сум велел дека се додека Луис сè уште го поседува „огнот“  за трки, тој може да продолжи со нас колку што сака“, вели Тото Волф, извршен директор и директор на тимот.