Британскиот Силверстон беше домаќин на втората последователна трка во Светскиот шампионат во Formula 1, петта во тековната сезона, а големо изненадување направи возачот на Red Bull, Макс Верстапен

Додека сите очекуваа уште една сигурна победа за двоецот на Mercedes, Холанѓанецот стигна до својата деветта победа во кариерата од четвртата стартна позиција!

Клучот за победа беше стратегијата на Верстапен и подобрата контрола на трошењето на гумите. Макс започна со тврда компонента, остана на патеката се до половина од трката и така ги престигна Ботас и Хамилтон, кои имаа големи проблеми со гумите веќе втор викенд по ред. Возачите на Mercedes требаше да се помират со втората и третата позиција, а по меѓусебниот дуел во последните кругови, Хамилтон го освои второто место пред Ботас.

Чарлс Леклерк со Ferrari стигна до четвртата позиција, додека Александар Албон беше петти во вториот болид на Red Bull. Возачите на Racing Point, Ленс Строл и Нико Хулкенберг завршија на шестото и седмото место.

Големата награда на 70-годишнината од Formula 1 се возеше на патеката Силверстон, на истото место каде што започна приказната за Светскиот шампионат уште во далечната 1950 година. За не верување кога станува збор за Велика Британија, но и втората недела помина без дожд. Возачите имаа суво и сончево време, со температури на воздухот околу 25° и температури на патеката малку над 40° Целзиусови.

Валтери Ботас имаше многу добар старт и ја одбрани лидерската позиција од квалификациите. Луис се обиде да го нападне во средината од првиот круг, но Ботас беше подготвен за тоа и го задржа водството. Зад возачите на Mercedes, одличен старт и за Верстапен кој веднаш го помина Хулкенберг. Строл го мина Рикиардо во првиот круг, а Норис заработи две позиции минувајќи пред Албон и Леклерк, додека најголем трагичар беше кој друг освен Себастијан Фетел.

Веќе во првата кривина, Германецот со задното десно тркало излезе на кратко надвор од патеката, поради што го загуби грипот и се изврте. Вистинска среќа беше што не ја уништи трката и на некој друг возач.

Колоната брзо се развлече и во текот на првите десетина круга не видовме директни дуели на патеката. Хамилтон задржа околу една секунда зад Ботас, а Верстапен имаше добро темпо. Александар Албон беше првиот возач во боксот веќе во седмиот круг кога од средна компонента на гуми прејде на тврда. Во следниот круг, истото го сторија и Гасли и Џовинаци.

По десет круга, Верстапен беше само 2,3 секунди заостанување зад лидерот Ботас, и покрај тоа што возеше со потврди гуми, додека на четвртопласираниот Хулкенберг му избега за над осум секунди. Во тие моменти интересна беше комуникацијата помеѓу Макс и инженерот за трки. На Макс му беше кажано дека е премногу близу до Mercedes од аспект на чување на гумите, а неговиот одговор беше: „Да човече, ова е нашата единствена шанса да бидеме толку близу до нив! Па, нема да седам зад нив како некоја баба“.

Гумите на болидите на Mercedes беа во ужасна состојба, па Макс наскоро имаше можност да го нападне Хамилтон со помош на DRS системот. На крајот од 13-от круг Ботас влезе во бокс, а еден круг подоцна, истото го стори и Хамилтон. Верстапен го презеде водството, а возачите на Mercedes се вратија на патеката со тврди гуми.

Во позадина, позиција по позиција заработуваше Карлос Саинз од McLaren, кој започна на тврда компонента. Во 20-от круг беше четврти, но без влез во боксот. Фетел во тој момент беше на десеттото место, а добри борби на патеката водеа Гасли и Албон и Леклерк и Норис. Беше жестоко и помеѓу Магнусен и Латифи, по што Данецот заработи пенал од пет секунди за нелегално бранење на позицијата.

Наспроти очекувањата, возачите на Mercedes не го намалуваа заостанувањето зад Верстапен, напротив. Возачот на Red Bull направи подобри кругови на стариот хард и се одвои од Ботас и Хамилтон, па остана само прашање дали Холанѓанецот ќе влегува во бокс еднаш или двапати.

Во 27-от од 52-та круга Макс отиде во бокс и се врати на патеката со средни гуми, веднаш зад Ботас. Тој ги искористи своите нови и помеки гуми и се врати на првата позиција. Тогаш стана јасно дека Макс е во одлична позиција да победи во трката, додека во Mercedes се прашуваa како тоа е можно и од каде потекнува таквата предност во управувањето со гумите. Хулкенберг во тие моменти беше на четвртото место, на помалку од десет секунди зад Хамилтон.

Наскоро повторно гужва во боксовите, а Даниел Рикиардо ја уништи трката со пируета во 31-от круг. Водечкиот двоец во 32-от круг влезе на втора промена на гумите. Сè помина без проблеми и Верстапен се врати на патеката со предност од две секунди пред Ботас. Хамилтон останувајќи на патеката го презеде водството и разговараше со својот инженер за опцијата да остане на патеката без нова промена на гумите.

Британецот се прашуваше дали повторно може да му се случи пукање на гума, како на последната трка, но факт е дека неговите кругови беа многу слични во брзина со оние на Верстапен. Десет круга пред крајот на Макс му беше кажано да забрза и да го намали заостанувањето зад Хамилтон. Во тие моменти разликата беше осум секунди, но во следниот круг Луис сепак се заминува во бокс на нова промена на гумите. Се врати со тврди гуми како четврти, зад Чарлс Леклерк.

Возачот на Ferrari беше прилично незабележителен за време на трката, но со добра тактика и прецизно возење се доvede во многу добра позиција. Тој возеше 21 круга на среднa компонента, а потоа се префрли на тврда. Сепак не можеше да го задржи Хамилтон зад себе.

Шест круга пред крајот на трката Верстапен имаше предност од пет секунди пред Ботас, а Хамилтон дополнителни четири секунди зад Ботас. Леклерк цврсто го држеше четвртото место, а Строл петтото, откако Хулкенберг отиде на замена на гумите во завршницата од трката. Нико се врати како седми, а меѓу двата болида на Racing Point беше Александар Албон.

За само неколку круга Луис стигна до Валтери, по што им беше дадена дозвола за директна борба, под услов борбата да биде фер и прецизна. Без многу потешкотии, Луис ги искористи новите гуми и ја презеде втората позиција. За тоа време, Верстапен веќе избега на скоро осум секунди.

До крајот на трката немаше промени. Верстапен, Хамилтон и Ботас завршија на подиумот, а Леклерк повторно го извлече максимумот и довозе своето Ferrari до четвртото место. Следеа Албон, Строл и Хулкенберг, а поени освоија и Окон, Норис и Квјат. Единственото откажување, за разлика од минатиот викенд, го забележа Кевин Магнусен.

Дури во петтата трка од сезоната, видовме возач на највисокото место на подиумот кој не е член на Mercedes. Како и да е, Луис Хамилтон го задржа водството на врвот од генералниот пласман, но сега Макс Верстапен е пред Валтери Ботас. Луис го извозе и најбрзиот круг па заработи и дополнителен бод.

Резултати:

70th Anniversary Grand Prix / Race Highlights:

Следната трка ќе се одржи веќе следниот викенд на Каталуња, Барселона, за ГН на Шпанија.