Formula 1 има иднина: Сите десет екипи го потпишаа новиот Concord договор
Со ставање потпис на договорот, сите тимови се обврзуваат дека ќе се натпреваруваат во Formula 1 до 2025 година
По Mclaren, потпис на договорот во вторникот ставија и Ferrari и Williams, за Formula 1 потоа да објави дека и преостанатите седум екипи го сториле истото.
„Овој договор ќе обезбеди долгорочна и одржлива иднина за Formula 1, а во комбинација со промена на правилата, кои ќе стапат на сила во 2022 година, ќе се обезбеди помала разлика во трошењето на средствата помеѓу тимовите. Тоа ќе доведе до понеизвесни трки, што ќе привлече нови фанови“, се вели во изјавата издадена од Formula 1.
Првиот човек на Formula 1, Чеис Кери вели:
„Оваа година беше многу тешка за сите во светот и ние сме многу горди што Formula 1 безбедно се врати на патеките. Претходно рековме дека пандемијата ќе го одложи потпишувањето на Concord договорот, и драго ми е што тоа го постигнавме во август. Исто така, драго ни е што можеме да сметаме на сите десет екипи и во иднина. Нашите фанови сакаат да гледаат понеизвесни трки, а со доаѓањето на новите правила во 2022 година, тоа треба да стане реалност“.
Претседателот на FIA, Жан Тод додава:
„Новиот Concord договор обезбедува стабилна иднина за Formula 1. За време на своето 70-годишно постоење, Formula 1 се разви со неверојатно темпо. Постојано се поместуваа границите на безбедноста, технологијата и воопшто натпреварувањето. Денешниот договор потврдува дека започнува ново возбудливо поглавје во историјата на Formula 1. Посебно ми е драго што сите екипи и челниците на Formula 1 постигнаа договор за новиот пат кој е одржлив на долг рок и сето тоа во ова тешко време што нè погоди сите“.